И полицаец бил дел од организирана група за криумчарење на мигранти

by Фокус

Полицијата поднесе кривични пријави против 21 лице, од кои еден е припадник на МВР, поради тоа што биле дел од организирана група за криумчарење мигранти кои преку грчко-македонската граница нелегално влегле на територија низ Македонија, па членовите на криминалната група ги прифаќале и ги носеле до кумановско-липковскиот регион.

„Ќ.Н., Ќ.М. и И.А. заедно со организаторите задолжени за прифаќање и превезување на илегалните мигранти С.М. и А.А., со умисла и од користољубие, а со цел стекнување на противправна имотна и материјална корист, организирале криминална група во Република Северна Македонија, која од средината на 2018 година досега, организирале криумчарење на лица илегални мигранти кои на територијата на Република Северна Македонија биле пренесувани илегално од Р.Грција преку т.н. „зелена граница“ во околината на Дојран и Гевгелија. Оттаму со помош на водичи мигрантите биле носени на претходно договорени локации, од каде се вршело нивно прифаќање од страна на лицата членови на групата со товарни и со патнички моторни возила. Илегалните мигранти биле превезувани до Кумановско-липковскиот регион, односно во селата Ваксинце и Лојане, каде биле времено сместувани и засолнувани во објекти на соработниците на криминалната група, а потоа криумчарени преку македонско-српската граница. Најголем број од лицата илегални мигранти кои биле криумчарени од страна на групата биле по потекло од Aвганистан, Пакистан, Ирак, Бангладеш и други земји од Блискиот и Далечниот Исток, кои претходно престојувале на територијата на Р.Грција“, соопштија од МВР.

Од таму додаваат дека организираната криминална група користела и повеќе други лица во својство на помагачи и соработници на криминалната група, при што С.М. остварувал контакти и средби со полициски службеник, со цел добивање на известувања за поставеноста на полициски патроли, контроли или заседи, како и информации за тоа дали криминалната група е предмет на истрага во МВР и насоки како да го прикријат нивното криминално делување.

„Извршени се претреси во 20 објекти во Скопје, Штип, Радовиш и Струмица, по што лишени од слобода беа вкупно 16 лица, а еден е на издржување на казна затвор за сторено кривично дело по член 418-д. При претресите пронајдени и привремено одземени се 12 патнички моторни возила, 46 мобилни телефонски апарати, 36 сим картички, 17 држачи за сим картички, бела прашкаста материја, марихуана, пиштол кал.9 мм, воздушна пушка кал.4,5 мм ЦЗ, 112 куршуми, 5770 евра, 197.000 денари, 105 американски долари, 100 швајцарски франци во различни апоени, нотеси со телефони и податоци за лица, документи за патување во Грција и други документи“, велат од МВР.

Поврзани новости