По седум години од случајот „Кампања“, за што Љубе Бошковски беше осуден на пет години затвор, за прв пат во судот се презентираше видео снимка, направена од МВР, во моментот додека се апсел тогашниот лидер на „Обединети за Македонија“.
Оваа снимка, според адвокатот на Бошкоски, Константин Кратовалиев, не била дел од доказите во случајот „Кампања“, но затоа пак денеска, од нигде никаде, била презентирана како доказ доставен од СЈО за случајот „Тортура“. Во овој случај Бошкоски го има статусот на жртва или оштетен.
-Симптоматично е тоа што видео материјалот кој бил снимен од крим техниката во времето кога се одвиваше предметот „Кампања“ не беше презентиран пред истражниот судија. МВР го поседувала материјалот, а истражниот судијата морал да го евидентира како таков. Не би сакал однапред да коментирам, но факт е дека сега обвинителството треба да се позанимава со ова без разлика што тој предмет е завршен. Треба да се види каде затаиле институциите дали е тоа во рамките на МВР кој овој видео материјал не го доставил до истражниот судија, дали истражниот судија не го проследил до обвинителството или пак самото обвинителство не го проследило до судот, вели Кратовалиев.
Снимката била направена околу 16 часот, кога Бошкоски се апси од „втора мајка“, бидејќи како што е познато некои од медиумите не успеале да стигнат навреме, па била направена реприза за сите да го снимаат Бошкоски со лисици на рацете.
Засега се непознати мотивите зошто оваа снимка била чувана во тајност и како Специјалното јавно обвинителство (СЈО) успеало да ја пронајде.
„Тортура“ се однесува на начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори. Во овој предмет обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петмина припадници на единицата.