Откако пред три години се разведе од поп пејачот Даниел Кајмакоски, моделот, а од неодамна и пејачка, Кристина Димитри, продолжи со кариерата и повторно се врати на сцената. Освен што и се врати на манекенската кариера, која ја стави во мирување кога во 2017 година го доби синот Давид во бракот со музичарот, таа периодов е една од најангажираните пејачки во нашите клубови, а настапува заедно со диџеј Боно.
Според заедничките фотографии кои ги објавуваат на социјалните мрежи, а на кои се гледа нивната блискост, не требаше многу, а да започнат шпекулациите дека музичкиот пар е во врска.
Дали Кристина по разводот со Кајмакоски продолжила напред и на љубовно поле, за ,,Фокус” пејачката вели дека носи многу љубов во себе, но се уште не е дојдено вистинското време да открива детали од приватниот живот.
-Имав 15 години кога ја започнав мојата кариера и се изложив во јавност. За целото време, никогаш не преферирав да зборувам за приватниот живот, туку во прв план ми беа изборите за Мис, титулите, постигнувањата, соработките, како и успесите во Македонија и во други држави.
Моментално работам на мојата музичка кариера, и тука можам на долго и широко да зборувам околу моменталните активности и плановите за во иднина – вели таа, не криејќи дека проектот Кристина и Боно и ја обележал минатата година и дека е благодарна што е дел од тимот Лолипоп и Sku Sku.
Раскажува дека е посветена на пет-годишниот син Давид, а нејзиното семејство секогаш и било најголема поддршка во животот како самохрана мајка.
-На темата љубов можам да кажам дека јас носам многу љубов во себе и несебично ја внесувам во работата, пријателите, семејството… А доколку имам машка љубов покрај себе, јас сум два пати повеќе мотивирана, заштитена, чувана како принцеза… Кога ќе дојде вистинското време ќе откријам во јавност дали имам некој – раскажа Кристина.
Нејзиниот поранешен сопруг Даниел Кајмакоски, и стана познат на јавноста по учеството во регионалното музичко шоу Х Фактор, во 2013 година, кога беше победник. Во 2015 година ја претставуваше Македонија на Евровизија со песната ,,Лисја есенски”, но не се пласираше во финалето.
Иако за кратко време стана препознатлив лик на сцената и му се прогнозираше плодна музичка кариера, тој сепак, не се посвети активно на создавањето на авторски песни, и објави неколку синглови.
По разводот со Кристина, познато е дека живее во Србија. На својата официјална страница повремено објавува детали за негови настапи во тамошни локали, а пак кон крајот на јануари по подолга пауза објави авторска песна насловена ,,Глумим да волим”.
Вики Клинчарова