По превирањата во Алијанса, Села и Таравари имале средба за поделба на имот

Високи партиски извори за „Фокус“ велат дека двајцата се договориле Села да ги задржи партиските возила и средствата на сметка, додека дошло до поделба на штабовите, така што партискиот штаб во Скопје му припаднал на Села, а штабот во Тетово на Таравари.

by Фокус

Некогашните блиски соработници Зијадин Села и Арбен Таравари, кои преку ноќ станаа лути противници, што предизвика раскол во Алијанса за Албанците, имале тет-а-тет средба после внатрепартиските превирања, на која разговарале за поделба на дел од партискиот имот, неофицијално дознава „Фокус“.

Според високи партиски извори, двајцата се договориле Села да ги задржи партиските возила и средствата на сметка, додека дошло до поделба на штабовите, така што партискиот штаб во Скопје му припаднал на Села, а штабот во Тетово на Таравари.

Она за што немало договор е кому да ми припадне партискиот печат и бренд, што ќе зависи од правната разврска која веќе е покрената во тетовскиот суд, откако двете страни одржаа паралелни седници на Централното собрание и на Конгресот, тврдејќи дека го имаат легитимитетот и легалитетот.

Како што е познато, партијата се подели откако лидерот Таравари одлучи преку фејсбук да соопшти дека по низата средби што ги имал со претставници на политичките партии и дипломатската заедница, одлучил да и се придружи на албанската опозиција, бидејќи, порача тој, граѓаните сакале промена.

Во однос на тоа, реагираше неговиот претходник Села, кој истакна дека партијата имала формална одлука за самостоен изборен настап, но Таравари не ја испочитувал оваа одлука и без никаква консултација со партиските врв и органите решил на своја рака да соопшти лична одлука преку социјалните мрежи.

Практично, тоа предизвика потрес во партијата кој резултираше со поделба меѓу поддржувачите на Села и Таравари, кои дефинитивно фатија различен пат. „Фокус“ уште во јуни ланската година напиша дека АА ќе биде на тест пред двојните избори, кога „треба да се судрат аргументите дали партијата треба предизборно да соработува со ДУИ или пак треба да стане дел еден албански опозициски блок“.

Во септември истата година, пак, објавивме дека АА предизборно ќе се крши кој пат ќе го фати, при што јавно го поставивме прашањето дали е можно разидување меѓу Таравари и Села? Неколку месеци подоцна, АА се скрши на 2 дела.

Каде е коренот на проблемот меѓу Таравари и Села? По предвремените локални избори за нов општински Совет во Тетово, Села се повлече од лидерската позиција, а негов наследник стана Таравари. Арно ама, познавачите велат дека повлекувањето на Села имало и друга калкулација, бидејќи Алијанса набргу потоа стана дел од владата на СДСМ и ДУИ.

Додека Кренар Лога водеше тајни преговори, Таравари во јавност мораше да го правда заедничкото владеење за „повисоки цени“ (евроинтеграциите) со ДУИ, која дотогаш ја посочуваа како најкорумпирана партија. И по влезот на АА во Владата, Таравари продолжи со критиките кон ДУИ дека се носители на партизацијата на институциите.

Но, со оглед дека беше лидер на партија на власт, во која патем силна група околу двоцот Села-Лога се залагаа за почитување на партнерството со ДУИ, со можост да се развие во предизборна соработка, Таравари почна да говори дека Алијанса треба да настапи самостојно на изборите.

Како се наближуваа изборите, пак, тој наратив почна да го прифаќа и Села, соочен со реалноста дека Таравари нема да прифати пакт со ДУИ, а истовремено најголем дел од членството е антиДУИ расположено. При такво тактичко надмудрување и игра на нерви, прв потег одлучи да повлече Таравари.

Кон тоа претходеа низа консултации на лидерот на АА со политичките лидери од разни спектари, вклучително и албанските опозициски лидери, со посредство на косовскиот премиер Албин Курти. Но, за разлика од Биљал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити, Таравари постојано ги релативизираше овие средби, нарекувајќи ги „ништо посебно“.

Паралелно со тоа, тој редовно имаше средби и со Али Ахмети, а последно и со премиерот Талат Џафери, од каде излегоа информации дека добил солидна понуда за предизборна соработка, што би значело 8 сигурни пратеници за АА, колкушто впрочем партијата има и сега.

Исто така, тој се сретна и со довчерашниот премиер и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски. Како што е познато, од оваа средба беше лиферувано соопштение дека двајцата соговорници разговарале за европската иднина на земјава.

Веднаш после оваа средба со Ковачевски на која бил реафирмиран ставот дека европската иднина нема алтернатива, по средбата со Ахмети и Џафери каде Алијанса добила квалитетна понуда за изборна соработка, како и по средбите со албанската опозиција кои редовно ги релативизираше, Таравари изненадувачки објави став за соработка со албанската опозиција.

Дури, претходно имал средба и со Села, на која му рекол дека за неколку дена ќе свика седница на Централното претседателство. Наместо тоа, одлучи да објави фејсбук статус. Зошто?

Едноставно, Таравари ја прочита намерата на неговите сопартијци од, условно кажано, другиот табор, дека ако инсистира на ставот против коалиција со ДУИ, тогаш ќе мора да ја предводи партијата при самостоен изборен настап.

Но, Таравари смета дека така партијата ќе заврши исто како на изборите во Тетово, бидејќи ќе се загуби во битката меѓу ДУИ и албанската опозиција. А, после изборен неуспех неминовно ќе почнат барања за негова одговорност, бидејќи, нели, ако Села се повлекол после пораз во Тетово, тогаш и Таравари ќе треба да се повлече после генерален партиски пораз.

Меѓутоа, наместо Таравари да прави компромис за самостоен настап и свесно да влезе во сценарио што носи изборен пораз, после кој како губитник ќе мора да му отстапи позиција на Лога или некој друг, тој одлучи да го следи својот став и да се сврти кон албанската опозиција, со што матичната партија ја внесе во раскол.

Раскол во Алијанса за Албанците: Како Таравари го надигра Села?

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости