Откако пред две недели, во неделникот „Фокус“ беше објавено дека ДУИ во 2022 година добила донација три пати поголема од дозволениот лимит, Државната комисија за спречување корупција сега отвори предмет.
Во врска со наводот за дадена донација на политичката партија Демократска унија за интеграција од страна на физичко лице која го надминува законски утврдениот лимит, Државната комисија за спречување на корупцијата оформи предмет и ќе постапи согласно со своите надлежности утврдени со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, велат денеска од ДКСК за „Фокус“ откако алармиравме до нив и баравме одговори во врска со спорната донација.
„Фокус“ до сознанието дојде кога почна да го истражува тендерот за изградба на полициска станица во Аеродром вреден околу два милиони евра, кој го доби фирмата за градежништво „Еуровиа ДООЕЛ“ на Ељмедин Адеми, внук на поранешниот министер Абдулаќим Адеми.
Истражувањето на овој тендер објавено во неделникот „Фокус“ не само што не доведе до најголемиот донатор на ДУИ за 2022 година, туку откри уште еден скандал.
Имено, фирмата „Еуровиа“ која ќе ја гради полициската станица во Аеродром, чија изградба треба да стартува оваа година, и нејзиниот сопственик Ељмедин Адеми се најголеми донатори на ДУИ за 2022 година.
Сопственикот Ељмедин лани на ДУИ како физичко лице и донирал 2.509.200 денари, додека правното лице „Еуровиа“ донирало 1.845.000 денари.
Според последните измени на Законот за финансирање партии, физичко лице на партија смее да донира износ не повисок од 30 просечни плати. Просечната плата во ноември 2022 година, последен месец за кој имало податоци во текот на 2022 година, а воедно и месец со највисока просечна плата во 2022 (без декември) изнесувала 33.011 денари.
Ова значи дека највисокиот износ кој физичко лице смеело да го донира во текот на 2022 година бил 990.330 денари. Сопственикот на „Еуровиа“ со донацијата од 2.509.200 е речиси три пати над законскиот износ.
Од Државната комисија за спречување корупција тогаш само кусо ни потврдија дека донацијата на Ељмедин Адеми „го надминува износот кој физичко лице може да го донира согласно со членот 16 од Законот за финансирање на политичките партии“.
Но, иако извештаите за донациите за 2022 година се веќе доставени до инситуциите, вклучително и извештајот на ДУИ, досега ниту една институција немаше преземено ништо за незаконската донација.
Што се однесува до правните лица, максимумот што правно лице смее да го донира на партија е 60 просечни плати, односно 1.980.660 денари. Како правно лице, „Еуровиа“ ја нема надминато законски дозволената донација.
Катерина Смилева Божиновска