Со 63 пратеници “за” и 36 “против”, Собранието на петтиот и последен ден од расправата го изгласа Буџетот за 2022 година.
Опозицијата и владејачкото мнозинство беа спротивставени ставови.
Опозицијата смета дека власта нема капацитет да ги спроведе приоритетните цели за граѓаните и државата, а пратениците од мнозинството се на мислење дека буџетот е во насока на подобро справување со енергетската и здравствената криза.
Предлог-буџетот беше усвоен на 30 октомври од страна на Владата заради запазување на роковите за донесување, а поради изборниот молк, соопштението од владината прес-служба беше објавено на 1 ноември.
Предлог-буџетот потоа беше доставен до Собранието, каде помина низ десетдневна расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет и повторно вратен во Владата каде беа прифатени 23-те амандмани.
Според досегашната расправа во рамки на буџетот нема конкретно одвоени фондови за енергетската, здравствената криза, за екологијата, а најгласни беа административците кои бараат да им биде исплатен регресот.
ГЛАДИЈАТОРСКА АРЕНА
Пратеничката од ВМРО ДПМНЕ Гордана Сиљановска Давкова на денешната расправа рече дека атмосферата во Собранието наликува на гладијаторска арена, наместо да се води дијалог.
– И овој буџет, како и претходните, не е по мерка на граѓаните туку на пазарните политики внатре во Владата, рече Сиљановска Давкова.
Таа, како приоритети за неа ги спомна образованието и зелената агенда.
– Кога прашувавме каде ќе одат средствата за зелената агенда, одговорот беше дека распределбата ќе биде конкретизирана со Програмата за зелен развој, која ќе ја изработи Генералниот секретаријат на Владата. Извинете, ама ова е за верување или не. Апсолутно, Генералниот секретаријат на Владата нема никаква врска со зелена агенда и тука повторно укажувам на забелешката дека отсуствува координацијата за зелената агенда. Ако немате надлежен орган, кој ќе одлучува за средствата тогаш немате ни одговорност. Тогаш, многу лесно, зелената агенда може да се трансформира во нијанси на сиво, дури и на црно, рече Сиљановска Давкова.
ОД 223 АМАНДМАНИ ПРИФАТЕНИ 23
Таа потсети на Извештајот на ЕК, во кој се спомнува дека треба да зајакнат административните капацитети, а стратешките, акциските планови и законодавство мора да бидат кохерентни со начелата на приоритетите на зелената агенда.
Пратеничката рече дека и покрај тоа што секоја година се говори за реформи на администрацијата, партизацијата продолжува, а пример за тоа е и случајот на влегување во власт на Алтернатива и пазарењето за директорски места.
Сиљановска Давкова, меѓу другото, нагласи дека од 223 амандмани, на опозицијата и биле прифатени само 11.
На ова и реплицираше Панчо Минов од СДСМ, кој забележа дека биле прифатени 23 амандмани, а не 11.
– Амандманите не беа прифатени оти не беа содржински во рамките на централниот буџет туку се однесуваа на надлежности на локална самоуправа. Се спомнуваа многу улици, кои не се надлежност на централната власт, рече Минов.
Пратениците, меѓу другото, се осврнаа на енергетската криза. Опозиционерите тврдеа дека власта не предвидела средства за овој проблем, додека од владејачкото мнозинство го тврдеа спротивното.
БУЏЕТ ОД 4,4 МИЛИЈАРДИ ДЕНАРИ, ИМА ЛИ ПАРИ ЗА СЕ?
Предлог-буџетот тежи 4,4 милијарди денари. Вкупните расходи се планирани на ниво од 272,4 милијарди денари или 35,2 проценти од БДП, а вкупните приходи се проектирани на ниво од 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП.
Дефицитот е на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од БДП. Капиталните инвестиции се повисоки од буџетскиот дефицит и изнесуваат 37,8 милијарди денари, што е за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година.
Запазено е т.н. „златно правило во финансиите“, односно буџетскиот дефицит е помал од капиталните расходи.
-Во сегашните ставки на Буџетот како што беше доставен во Собранието и усвоен од Владата нема ниту едно евро кое што е предвидено за справување со енергетската криза која што можеме да видиме од претходните најави на медиумите изминативе денови од најзначителните енергетски институции ќе порасне вртоглаво и тоа ќе биде сериозен ценовен шок и за граѓаните“,истакна Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ во „Утрински Брифинг“.
Стојаноски додаде дека ЕК укажа дека е загрижена за растот на јавниот долг и тоа како Владата го менаџира.
„Од аспект на инструментите да ние сме тука ќе ги следиме будно и нема да дозволуваме повторно да се креираат вакви гломазни буџети, а да нема одговор за најсериозните прашања на целото граѓанство и стопанство, како ценовниот шок, поскапувањето на струјата, секојдневното поскапување и покачување на потршувачката кошничка ради тоа што сметаме дека 4,4 милијарди евра се сосема доволна и голема сума за да може да им се помогне на граѓаните на така кревкото стопанство кое што го имаме во државата“, нагласи Стојаноски.
Од Алијанса на Албанците се изјаснија дека нема да гласаат за Предлог-буџетот затоа што, според нив, приоритетите во него се нереални, има отсуство на транспаретност, загрижува нивото на јавниот долг и постојат причини поради кои може да не се реализира предвидената стапка на економски раст.
НЕМА СТАВКА ЗА ЕНЕРГЕТСКА ПОМОШ
Зголемени капитални расходи, намалени непродуктивни трошоци, Буџетот е рекордно тежок и предвидува повеќе пари, дури и за зголемени плати на дел од административците.
Министерот за финансии Фатмир Бесими уверува дека документот е скроен реално и нуди основа за развој на економијата.
-Буџетот ќе биде целосно ликвиден и ќе ги исполнува навреме сите потреби, изјави Бесими.
Владата тврди дека буџетот кој го скроила е развоен, но она што боде очи е што во него повторно доминира социјалната компонента. Дополнително и делот на платите и надоместоците кои ќе изедат дури 531 милион евра.
Во неа се предвидени 5% повисоки плати во здравството, 15% зголемување на платите во судството и обвинителството.
Дополнително и во образованието каде според колективниот договор платите ќе пораснат за 7%, но и во инспекциските служби за 10%.
Ваквата стратегија среде криза според упатените е ризична и може многу лесно да ги урне прокциите за раст.
Развојната компонента дополнително може да ја урне енергетската криза која сериозно се заканува во пресрет на зимскиот период.
За разлика од платите и социјалните трансфери, во буџетот нема наведено посебна ставка за финансиска помош на енергетските компании, што индиректно ќе значи и помош за граѓаните од евентуален ценовен удар.
Министерот Бесими уверува дека состојбата се следи и доколку има потреба ќе се реагира.
ДУПКА ОД ПОЛОВИНА МИЛИЈАРДИ ЕВРА
Дополнителен ризик е и проектираниот дефицит. Планот на Владата е да собере 3,9 милијарди евра, што е за 7,4% повеќе од годинава, но во исто време да потроши и нешто над 4,4 милијарди евра.
Ова отвора дупка од над половина милијарда евра која ќе се покрива преку задолжување. Планот е тоа да се прави на домашниот и на меѓународниот пазар.
Или конкретно, буџетскиот дефицит ќе изнесува 4,3% од БДП или во пари, 544,4 милиони евра. Ќе се враќаат и 188 милиони евра веќе позајмени пари. Од овие 441 милион евра ќе се обезбедат од домашни извори, а 346 милиони евра од странски извори.
Министерот за финансии Бесими ги претстави и новите извори на финансирање. Развојна, зелена, проектна обврзница и обврзница индицирана со инфлација. Ваквата стратегија на задолжување и раздолжување ќе влијае на зголемување на јавниот долг кој веќе е сериозно висок.
Според проценките, доколку се остварат проекциите, крајот на 2022 година ќе го дочекаме со ниво на јавен долг во висина од 65,5% од Бруто домашниот производ. Што се однесува пак до инфлацијата, таа се прогнозира да изнесува 2,4%.
Соња Танеска