Водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи се вакцинираше јавно со вакцината против ковид-19, откако тоа претходно го направија актуелниот потпретседател на САД, Мајк Пенс, и новоизбраниот претседател Џо Бајден.
Вакцинирањето го пренесуваше „Си-ен-ен“, а Фаучи порача дека сака да биде пример за Американците.
-Со ова сакам да ја покажам мојата екстремна доверба во безбедноста и ефикасноста на вакцината и да ги охрабрам сите кои имаат можност да се вакцинираат со цел да се заштитиме и да завршиме со оваа пандемија, порача епидемиологот.
Според Фаучи, вакцинацијата е врвот на достигнувањата во рамки на истражувањата кои резултираа со тоа да се создаде вакцина во рекорден рок.
По водечкиот американски епидемиолог, вакцина примија и министерот за здравство и социјална услуга, Алекс Азар, директорот на Националниот институт за здравство, Франсис Колинс, и неколку здравствени работници.
Вакцината која ја прими Фаучи е од американската компанија „Модерна“ која САД почнаа да ја користат пред два дена.
Пред „Модерна“, дозвола за итна употреба од американските здравствени власти доби и вакцината на компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“, со која, пак, јавно се вакцинираа Пенс и Бајден.
Двете вакцини, како што покажаа истражувањата, се со ефикасност од 94% односно 95%.