Гелевска: Прво да се праша стручната фела, а потоа МОН да донесе одлука за предметот музичко

by Fokus

Најавените реформи во основното образование кои предвидуваат кратење на часовите по музичко како и спојување со ликовното образование, а се предметите кои страдаат во секоја реформа на Министерството за образование, е  најмногу на штета на учениците, вели за „Фокус“ Силвана Гелевска, претседателка на „Здружението на наставници по музичко“

-Ние веќе подолг период бараме овој предмет да биде застапен во образованието и од прво до петто одделение, со посебен наставник по музика, бидејќи музичките таленти се откриваат на рана возраст. Според новиот т.н фински концепт ние всушност ќе добиеме само половина час во една недела, што е премалку за работа со учениците, нема да имаме никакви резултати, а да не заборавиме дека и двата предмети откриваат таленти, бараат внимание, релаксираат, појаснува Гелевска.

Според Гелевска ова воопшто не е фински модел на образование бидејќи таму токму на овие предмети се обрнува многу внимание, а некогаш учениците имаат музика и по два часа неделено.

-Сметаме дека МОН треба да ја консултира стручната музичка фела, пред се професорите доколку сака сериозни промени кај овие два предмети. Ние бевме буквално изоставени од било каква информација пред да се објави овој план јавно, дури и образовните советници не споделија со нас никаква информација бидејќи се уште не е донесена крајна одлука, вели Гелевска.

Таа додава дека ова создава голем проблем и кај наставниците кои и досега едвај исполнуваа по 20 работни часа неделно и тоа во различни училишта, а во овој случај се недозволиви изјавите во јавноста дека нема никаков проблем еден наставник да предава и други предмети.

Спорно е и тоа што работата со хор и оркестар веројатно ќе премине во изборни предмети, а овие предмети зависат од директорите на училиштата и може да се случи и никогаш да не бидат вметнати во програмата.

Иако ништо не е објавено официјално, новиот концепт за основно образование предвидува само еден час неделно музичко или ликовна уметност. Или овие предмети да се реализираат, едниот во првото полугодие, а другиот во второто.

Соња Танеска

Поврзани новости