По објавите на „Фокус“, Финансиска полиција влезе на скопска Кардиохиругија

by irena 13:22
13:22

По објавите на „Фокус“ дека скопската Клиника за кардиохирургија незаконски набавувала скапи материјали, за што сомнително се потрошени над 300.000 евра, во текот на вчерашниот ден Управата за финансиска полиција влегла на клиниката.

Според  нашите извори, финансиските инспектори вчера влегле на клиниката, од каде што ја земале целата потребна документација за начинот на работењето на клиниката, со што и понатаму продолжуваат со „чешлање“ на документите.

Како што веќе објавивме во неделникот пред две недели, во документите со кои располага “Фокус“ може да се забележи и лошото финасиско работење на болницата, а особено алармантно е во делот со набавка на потребните материјали за работа на реверс-позајмица, што е спротивно на Законот за јавни набавки.

Поточно, се набавуваат бројни скапи материјали по неколку илјади евра, без објавување на тендери, во нетранспарентни постапки, односно набавувале материјали за операции на реверс без да склучат договор за јавна набавка и без соогласност од Фондот за здравство. Тука не станува збор за набавка на само за еден материјал неопходен за работа, туку во прашање се бројни набавки.

Документите покажуваат дека на реверс за две години се набавени преку 15 персевали без тендер чија цена на само еден е околу 7.000 евра што значи само за овие материјали се потрошени околу 110 илјади евра. На листата можат да се најдат и фет протези, од кои само една чини 17.000 евра, а се набавени околу десет за две години со што доаѓаме до сума од 170 илјади евра. Исто така, на реверс се набавени и композитен графт за замена на асцедентна аорта и валвула (цавгј) од кои една чини околу 2.400 евра, а вкупниот број на набавени се преку 15 за две години, со што вкупната сума изнесува околу 37.000 евра.

Според документите, без тендери набавени се и оникс валвули и тоа преку 20 за две години, од кои само една чини 1.261 евра со што доаѓаме до сума од околу 25.000 евра. На листата уште може да се најдат и ТЕВАР (торакална ендоваскуларна аортна реконструкција) со која се лекуваат аортни аневризми од кои една чини околу 8.000 евра, а вакви се набавени седум со вкупна сума од 56.000 евра. Тука е ЕВАР (аортен стент) од кој еден чини 3.300 евра, а набавени се исто така седум на реверс за две години, со што сумата изнесува над 23.000 евра.

Но, тоа не е се. „Фокус“ располага и со документи од 2025 година, за валвули, кои се земени на реверс, поточно за периодот од 9 мај до 25 јуни, 2025 година кога се набавени вкупно 11 валвули без тендер во вкупна вредност од околу 14.300 евра. Исто така набавен е и хемостатик биоглуе, лепило за крвни садови ако пациентот крвари многу, а во периодот од 24 март до 8 јули, 2025 година вакви се набавени десет во вкупна вредност од околу 6.000 евра.

Ова се само дел од набавките на скапи материјали на клиниката, за кои не била испочитувана законската процедура да се набават преку тендери на Бирото за јавни набавки. Иако, не е првпат одредени материјали да се набават на реверс и честопати е пракса според потребите, сепак овде се работи за голема бројка, а многу од нив биле затворени со фактури дури после шест месеци до година дена.

Тука доаѓаме и до последиците од набавките на скапи материјали на реверс, што значи на крај клиниката располага со неточни финансиски извештаи, кои поминуваат на Управен одбор, кој се состои од пет членови и тоа тројца внатрешни и двајца надворешни. Тие треба да ги прегледаат финансиските извештаи и да видат во која финансиска кондиција е клиниката.

Од страна на вработени на клиниката поднесена е и пријава до Управата за финансиска полиција, за што пред две недели ни потврди и актуелниот директор Слободан Ивановски, кој истакна дека ќе покренат истрага и ќе ги проверат бројните наводи за нерегуларности наведени во самата пријава.

Претходно, актеулниот директор на Клиниката за кардиохирургија, доктор Дејан Димитровски во изјава з а„Фокус“ истакна дека откако тој ја преземал функцијата директор биле преземени сите активности за ревизија и целосна услогласеност на сите процеси со Законот за јавни набавки и другите релевантни прописи.

„Како јавна-здравствена установа, Клиниката останува целосно отворена за соработка со сите институции и контролни органи, со цел да се обезбеди транпарентност, законитост и разционлано користење на јавните средства. Во моментов сите материјали се набавуваат и евидентираат исклучиво соогласно законската процедура. Запознаен сум дека од претходниот период постојат одредени постапки пред надлежните институци. Тоа се прашања што се во надлежност на органите кои постапуваат, а јас како актуелен директор сум целосно посветен на тековното функционирање и унапредување на работата на Клиниката“, истакна Димитровски.

Ирена МУЛАЧКА

Слични вести