Лидерите на Европската унија ги одложиле преговорите за долгорочниот буџет, откако се појавиле тензии околу приоритетите за трошење на средствата и помошта за Украина, пишува Би-би-си.
Разговорите за буџетот за периодот 2028–2034 година завршија вчера, а некои земји-членки ги напуштија преговорите, кои ќе продолжат во декември.
-Не постигнавме договор – изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Тој ги оквалификува разговорите како „многу интересни“ и истакна дека се уште има време до крајот на годината да се најде решение.
Кошта објасни дека мнозинството земји инсистирале дека не треба да има понатамошни намалувања во предложениот нацрт, некои сакале намалување, а некои побарале преиспитување на намерата за намалување на средствата за земјоделство и кохезија.
Од една страна, Франција и Италија сакаат да одобрат предлог со поголеми трошоци, а од друга страна некои земји предводени од Германија се залагаат за финансиска воздржаност.
Многу земји-членки сакаат буџетот да биде утврден пред одржувањето на неколку клучни избори низ Европа во 2027 година, вклучително и во Франција.
Земјите сè уште се поделени и околу предлогот за доделување дополнителен заем за Украина во износ од 45 милијарди евра, поделен на средства за воени и невоени цели.
Словачка, Чешка и Унгарија изразија противење на овој заем, но германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека едногласниот договор во ЕУ е услов за одобрување на поширокиот буџет.