По налог на обвинителството, полицијата влезе во МОК: Се „чешла“ реизборот на Даниел Димевски!

„Фокус“ веќе пишуваше дека надлежните испитуваат повеќе сегменти од работењето и делувањето на Димевски - делењето на спортски ваучери, закупот на дел од„ Кале“ и давањето на подзакуп на некои од објектите. Во меѓувреме, пак, тој непречено оперира со МОК, притоа зголемувајќи го буџетот од година во година, така што само лани изнесувал над 1,4 милиони евра. Згора на тоа, остварува дополнителни приходи преку стопанисување со салата „Јане Сандански“, која ја закупил на 26 години за нецели 50.000 евра.

by Фокус

По налог на надлежен јавен обвинител, припадници на Министерството за внатрешни работи вчера влегле во Македонскиот олимписки комитет поради сомневања за нерегуларности при неодамнешниот избор на ново раководство во оваа организација на чело со претседателот Даниел Димевски.

Точно е дека од страна на службите во МВР се преземаат оперативни дејствија, се со цел обезбедување на соодветни докази, по наредба од страна на надлежен јавен обвинител – потврди министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, без да изнесени повеќе детали.

Веднаш потоа, од МОК соопштија дека служби од МВР од нив побарале и добиле документација поврзана со Редовното изборно собрание што се одржа на 8-ми февруари 2024 година, која вклучува видео снимка од изборното собрание, Статут, Деловник и Олимписка повелба, мислења на спортско-арбитражниот суд и изјави од членовите на верификациската комисија.

„Како организација која секогаш е максимално транспарентна и отворена за соработка со сите надлежни органи, институции и организации, МОК е изненаден од постапката на одредени државни институции кои според законските одредби немаат надлежност да ја контролираат постапката за спроведување и одржување на изборно собрание, како и одлуките донесени на тоа собрание“, истакнаа од МОК.

Во нивната реакција се наведува дека изборот на претседателот Димевски и другите одлуки на последното Собрание ги поздравиле највисоките меѓународни олимписки организации, како што се Интернационалниот олимписки комитет, Европскиот олимписки комитет, Асоцијацијата на национални олимписки комитети, Меѓународниот комитет на медитерански игри…

„Очигледно е дека некому му пречи резултатот од редовното изборно собрание на МОК и донесените одлуки од страна на делегатите и затоа не престанува црната кампања против раководството на МОК. Одлуките донесени на изборното собрание и изборот на Даниел Димевски за претседател на МОК и во следните четири години беа донесени јавно и според одредбите пропишани во правните акти на организацијата“, велат од МОК.

Инаку, ова следува откако Димевски успеа да се избори за втор последователен мандат со поддршка од 45 делегати од вкупно 55 присутни, иако претходно голем број спортски федерации и работници бараа негова смена. Имено, тие свикаа Вонредно изборно собрание, со цел смена на актуелниот и избор на нов претседател на МОК, меѓутоа немаше ниту расправа за оваа точка, од причина што не беше обезбеден кворум.

Првично, од иницијативниот одбор велеа дека на нивна страна застанале сите федерации, со исклучок на гимнастичарската, мечувалечката, триатлон, кикбокс и стреличката. Дури, тие имале пикирано и наследник на Димевски како преодно решение, кој требало да се избира меѓу првите луѓе на кошаркарската и одбојкарската федерација – Перо Антиќ и Перо Јовановски.

Во таква ситуација, веруваа во позитивно сценарио на Вонредното собрание, и покрај тоа што беа свесни дека некои федерации може да им свртат грб во 5 до 12, особено оние што бркаат настап на претстојните олимписки игри во Париз, чекајќи т.н. вајлд-карта. На крајот, тоа и се случи, бидејќи многу федерации, наместо на Вонредното собрание, се појавија на Редовното собрание и го поддржаа Димевски.

За волја на вистината, голем удел за ваквата разврска имаше Интернационалниот олимписки комитет, кој испрати писмо, во кое се наведува дека за нив легитимно е само редовното Изборно собрание свикано на 8.2.2024 година. Во лиферуваното писмо потпишано од Џејмс Маклиод и Жером Поиве стои: „Се очекува членките на вашиот национален олимписки комитет да присуствуваат на редовното Изборно собрание на 8 февруари 2024 година и да не се поврзуваат со некаков паралелен состанок или иницијатива…“.

Сепак, иницијаторите за промени не се откажуваат, со оглед дека веднаш најавија кривична пријава против Димевски, генералниот секретар на МОК, Сашо Поповски, и членовите на Верификационата комисија, заради, како што посочуваат, фалсификат и обезбедување противправна корист и владеење на институција од национален интерес и за лажно претставување на овластено лице во име на правен субјект од национален интерес.

Во тој контекст, од таму ги посочуваат Горан Стојаноски и Наум Јанакиев, кои настапиле во име на Пливачката федерација и Голф федерацијата, истовремено потенцирајќи дека национални спортски федерации се примени за полноправни членки на МОК без решение за вршење дејност спорт издадено од Агенцијата за млади и спорт. Меѓу нив ги наведуваат Скејтинг федерација, Модерен пентатлон, Стреличарска федерација, Боди билдинг и Фитнес.

Меѓутоа, постапката за реизбор на Димевски е само еден од сегментите поврзани со работењето и делувањето на претседателот на МОК што ги истражуваат надлежните институции, а во обвинителството се води предистражна постапка. Како што пишуваше неделникот „Фокус“ во два наврати, Димевски е под лупа за делењето на спортски ваучери, закупот на дел од„ Кале“ и давањето на подзакуп на некои од објектите.

Како фирми поврзани со претседателот на МОК, Даниел Димевски, закупија локација под Кале со маркичка за спортски објект?

Во меѓувреме, пак, тој непречено оперира со МОК, притоа зголемувајќи го буџетот од година во година, така што само лани изнесувал над 1,4 милиони евра. Згора на тоа, остварува дополнителни приходи преку стопанисување со салата „Јане Сандански“, која ја закупил на 26 години за нецели 50.000 евра. За само една година, овој објект, проценет на 30 милиони евра, во касата на Комитетот донел приходи од 325.000 евра.

Димевски е под лупа на истражните органи, a МОК врти 1,5 милион евра годишно и влече екстра приходи од „Јане Сандански“!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости