По два месеци почина човекот на кого му беше трансплантирано срце од свиња

by Fokus

Дејвид Бенет (57), кој доби генетски модифицираносрце од свиња во јануари, почина во вторникот.

Не се знае точната причина за неговата смрт, изјавија во Медицинскиот центар на Универзитетот во Мериленд, каде што беше извршена трансплантацијата на 7 јануари и каде тој оттогаш закрепнувал.

Неговата состојба во последните денови почнала да се влошува, а болницата во средата објави дека тој починал, објави „Ју-Ес-Еј Тудеј“.

Бенет беше првиот пациент кој доби генетски модифициран орган од животинско потекло. Во моментот на неговата смрт не е идентификувана очигледна причина, а докторите планираат да направат детален преглед на неговата смрт и да ги објават резултатите.

Трансплантацијата, иако му даде уште само два месеци живот, значи многу за истражувањето на полето на ксенотрансплантација, за кое лекарите и експертите се надеваат дека ќе им помогне во решавањето на недостигот на човечки органи.

Новото срце работеше добро со недели, без знаци на одбивање. Иако бил слаб од лежење во кревет, тој добивал рехабилитација и можел да седне и да го гледа „Супер Боул“ со својот терапевт, а еднаш дури и пеел, објави „Ју-Ес-Еј тудеј“.

Поврзани новости