По четири дена патување без храна, Јамала и нејзините деца побегнаа од Украина

by fokus

Победничката на Евровизија 2016, Јамала (Сузана Јамаладинова) од Украина, четири дена поминала во обиди да побегне од Украина со своите деца. На својот Инстаграм профил таа објави фотографии и детали од бегството од татковината.
Возење без храна, смирување на децата, а потоа и пешачење во солзи до границата со Романија.

-Четири дена поминавме во автомобилот со децата, без храна. Го напуштивме Киев, кога тргнавме бевме во шок, не знаевме ниту што да понесеме со нас… Брзината со која се движевме беше два километри за четири часа-раскажа таа.

Освен фотографии од автомобилот, Јамала објави и снимка на која околу полноќ во солзи пешачи кон границата со Романија. Појасни дека член на семејството ја донел до границата, а потоа, бидејќи не возела, морала да продолжи пеш со децата.

Им се обрати на руските и белоруски мајки, да не ги праќаат своите деца во смрт.

-Ве молам не им дозволувајте да се борат со украинскиот народ! Запрете ја војната, сочувајте ги вашите и наши деца – порача пејачката.
Таа и ја донесе победата на Украина на Евровизија во 2016 година со песната ,,1944”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости