„Адриа Ервејз“ вчера банкротираше и го остави Меѓународниот аеродром Скопје без двата дневни лета за и од Љубљана. Раководството на авиокомпанијата објави дека пред судот во Крањ е отворена стечајна постапка, а судот ќе донесе пресуда за побарувањата во рок од три дена.
Во исто време, словенечката влада ги отпочна преговорите со „Луфтханза“ за преземање на дел од летовите на кои сообраќаше „Адриа Ервејз“, но меѓу дестинациите за кои се водат преговори не се вклучени летовите кон Скопје.
Во моментот на нејзиното згаснување, „Адриа Ервејз“ меѓу Скопје и Љубљана имаше по еден утрински и попладневен лет од Меѓународниот аеродром Скопје. Станува збор за една од најстарите линии, која што беше одржувана од словенечката авиокомпанија со децении наназад.
Засега е непознато дали некоја друга авиокомпанија ќе биде заинтересирана да ги обнови летовите меѓу Скопје и Љубљана. Во Словенија живеат и работат десетици илјади македонски граѓани, но и голем број жители од оваа земја секојдневно летаа кон македонскиот главен град.
„Адриа Ервејз“ само во текот на минатата недела откажа 400 летови, оставајќи зад себе 15.000 патници што не стигнаа до своите дестинации низ Европа. Словенечката авиокомпанија беше основана во 1961 година, а во 2016 година беше продадена на германскиот фонд 4К Инвест.