ВМРО-ДПМНЕ ги повика сите членови, симпатизери и граѓани на протест денеска во 13.30 часот пред Основниот суд Скопје – 1 после денешната акција, во која се уапсени функционери и пратеници на партијата, со обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок на 27 април.
-Полицијата упадна во домовите на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, членови на Извршниот комитет, поранешни функционери на партијата и други јавни личности. Полицијата по наредба на Зоран Заев не го почитуваше пратеничкиот имунитет, туку единствено политичките наредби за пресметка со неистомислениците“, се вели во партиското соопштение.
Од партијата на Никола Груевски велат дека денешниот упад и приведувањето на функционери на ВМРО-ДПМНЕ се обид да биде замолкната опозицијата и да се скрши отпорот на партијата против сите антидржавни политики што владата ги реализира периодов.
-Во момент кога владата разгледува предлог закон за ослободување на криминалците од затвор, кога се најавува ослободување на убијците од Смилковско езеро и кога убијци се шетаат слободни по улиците, Зоран Заев нарачува политички прогон врз ВМРО-ДПМНЕ заради наводно терористичко загрозување на уставниот поредок“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.