Приврзаниците на Љубе Бошкоски утре, понеделник во 11 часот преку собир пред затворот ќе побараат одговор од директорот на Идризово, Живко Пејковски кога ќе го потпише решението за негово ослободување.
Бошкоски чека на потписот подолго време, со оглед дека, според правилата и праксата, му следуваат три месеци поради добро однесување, што значи дека деновиве тој треба да замине од затворот со оглед дека навршуваат пет години, колку што изнесува неговата казна. Од партијата на Бошкоски велат дека поради притисоци и закани кои пристигнале од функционери на Министерството за правда како и од власта директорот Пејковски сега не потпишува решение. Претпоставката е дека така ќе остане до почетокот на јуни, кога практично ќе истечат цели пет години. Бошкоски беше приведен на 6-ти јуни, ден по изборите во 2011-та.
Доколку Пејковски не потпише слобода за Бошкоски против него ќе биде покрената постапка, за што се веќе информирани претставниците на меѓународната заедница. Од партијата најавуваат и дека доколку е потребно ќе се преселат пред затворот и ќе блокираат се до излегувањето на Љубе Бошкски.
Симболика во случајот со Бошкоски има и датумот 5 – ти јуни. Во 2011-та на тој ден беа одржани парламентарните избори после кои Бошкоски, препознатлив по критичките настапи против власта, заврши во притвор. Сега, по пет години, одново изборите се закажани на истиот датум. Но, дали ќе може Бошкоски политички да им се одмазди на Груевски и фамилијата со учество на изборите? Тоа зависи од потписот на директорот. Ако тој ги почитува човековите права на затворениците Бошкоски наредната недела треба да излезе од Идризово и со тоа да му се овозможи да ја консолидира партијата и да ја наметне како сериозен играч на изборите. Но ако тој постапува според некакви наредби тогаш Бошкоски не може да се надева на слобода пред изборите.
И како трета можност, која е веројатна е Бошкоски сепак да остане до јуни во затвор, но изборите да се одложат за на есен. Ова станува се позивесно ако се знае дека преговорите на партиите заглавија кај медиумите, но и поради фактот дека Избирачкиот список е преполн со фантомски гласачи за кои кои се уште не се знае дали ДИК ќе има време да ги отстрани.