Жителите на штипската населба „Балканска“ по 28 години конечно ќе добијат чиста вода за пиење. Досега, оваа населба се снабдуваше со вода за пиење од бунарите на поранешниот текстилен комбинат „Македонка“.
Чиста вода за пиење ќе имаат вкупно 600 жители од населбата, а во првата фаза планирано е да се приклучат околу 200 жители.
Вентилот за дистрибуција на водата денеска свечено го пуштија штипскиот градоначалник Благој Бочварски и директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев.
– Од денеска во населба Балканска има нова реалност, граѓаните нема да купуваат флаширана вода за пиење и да користат техничка вода, од денеска тие ќе пијат вода од градскиот водовод. Денеска е првата фаза и тоа приклучување на околу 200 жители на градскиот водовод, вели Бочварски.
За првата фаза од проектот инвестирани се околу 300.000 евра, а должината на новата водоводна линија е околу два километри. Проектот почна да се реализира пред една година.
– Можам да кажам дека продолжуваме со приклучување и на домаќинствата, кои се во горниот дел на населбата, така што за неколку месеци ќе можеме и официјално да го затвориме проектот и целата населба да биде приклучена, истакна Бочварски.
Цената на водата за пиење ќе биде иста како и за останатите граѓани приклучени на градската водоводна мрежа.
– Цената на чинење на водата за еден метар кубен ќе изнесува 31, 96 денари. Досега тие плаќаа 40 денари. Значи двапати ја намаливме водата, минатата година за пет, а годинава за пет отсто. Граѓаните во оваа населба ќе пијат чиста вода, но и ќе ја плаќаат поевтино, изјави директорот на штипското комунално претпријатие „Исар“, Живко Тасев.
Според Тасев, следната година ќе продолжи изградбата на водоводната мрежа до населбата Македонка и селото Чардаклија.
Жителите на населбата „Балканска“ се задоволни што конечно од нивните чешми ќе тече чиста вода за пиење, а барањето за овој проект досега го испорачувале до сите локални власти.