Дали треба да се испита работењето на одредени судии откако истрагата за случајот „Рекет“ се прошири на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, која заврши во притвор како третоосомничена? Се уште се бараат одговори кои се политичарите кои биле инволвирани во операциите за изнудување бизнисмени и дали ќе понесат одговорност. Словенецот од италијанскиот весник „Ла Верита“, Ларис Гајсер, најавува други докази кои ќе фрлат ново светло на случајот. Во последната негова анализа тој споменува и вмешаност на судии.

Но за кои судии и за кој суд се работи? Во веќе објавениот разговор меѓу првоосомничениот, Бојан Јовановски, и бизнисменот Орце Камчев, се споменуваат два суда: Апелација и Врховен. Боки Тредичи во разговорот точно ги предвидува одлуките што овие судови ќе ги донесат, па се поставува прашањето како првоосоомничениот го знаел тоа.

Јанева е во притвор, но на Камчев му помогна и начелното правно мислење кое Врховен суд го донесе во јануари годинава, а со кое се запираат истрагите на СЈО отворени по 30 јуни 2017 година? Токму ова начелно правно мислење подоцна ќе го ослободи од притвор (но и од одговорност) Орце Камчев, осомничен во предметот „Империја“ на СЈО, отворен по рокот.

Како Боки 13 ги вмешува врховните судии во приказната? Во разговорот тој го убедува Орце Камчев дека сигурно ќе биде ослободен од Врховниот суд.

-Бојан 13: Во понеделник ќе ве ослободат…
-Орце: Добро
-Бојан 13: Вторник најкасно веројатно. Врховен ќе ве ослободи.
-Орце: Врховен, не може да дојде до Врховен до понеделник
-Боки 13: Да, тогаш ќе дојде. Нема да употреби СЈО вонредни правни лекови, нема ништо да употреби…
-Орце: А Апелација?!
-Боки 13: Па Апелација ќе ве одбие. Вие се жалите во Апелација, да бидете спремни.
-Женско лице: Да ние ќе се жалиме… во Врховен ќе се жалиме, а Врховен се повикува…
-Боки 13: Врховен се жалите, како втор степен. Начелното правно лице и советот се повикува автоматски. Нема да употреби Катица никакви вонредни правни лекови да го продужува, да го одолговлекува, понеделник, вторник вие сте на слобода – вели Боки 13.
-Женско лице: Добро…

Потоа работите се одвиваат како што ќе предвиди Јовановски. На 7 февруари Апелација ја одбива жалбата на Камчев за укинување на куќниот притвор, додека на 4 март врховните судии ја уважуваат жалбата и го пуштаат Камчев да се брани од слобода.

Дел од експертите сметаат дека овој разговор е доволна причина за да се испита вмешаноста на судии во предметот.

Поранешниот антикорупционери, Ариф Муса, вели дека истргата треба да се прошири на одредени судии дури и ако има најмало сомнение за нивна вмешаност.

-Апсолутно, обвинителството што ја води постапката мора преку испитувања да ја провери инвловираноста на некои судии. Ако има и најмало сомнение и најмала индиција, нивната вмешаност мора да се испита и тие мора да бидат повикани на разговор. Ако го спроведуваме Кривичниот законик, тогаш истрагата мора да ги опфати и овие лица. Во овој предмет никој не смее да биде поштеден, не е битна функцијата, законите не поштедуваат никого. Колку и да е висока функцијата, било да се тоа членови на Уставен суд, или Врховен суд, обвинителите треба да се охрабрат и да ги разјаснат сите сомнежи околу предметот – вели Муса.

Според него, најголемата штета во државата извира од корумпираниот правосуден систем.

-Злото ни доаѓа од судиите и од судскиот совет. Првосудството е извор на кризата во која се наоѓаме – ја коментира Муса праксата на неказнивост кога се работи за функционери и бизнис моќници.

-Има судии кои од една плата живеат како да се милионери, не може од судиска плата да се живее така луксузно. Треба храброст, треба жртвување на поединци. Не треба сеир да фаќаме секој пат кога ќе дојдеме до вакво дереџе, а во меѓувреме опортунистички да гледаме на работите. Треба и јавноста да изврши притисок да се реформира судството. Ова не можеме да го искоренеме туку така, прави проблем во функционирањето на државата – вели Муса.

Адвокатот, Звонко Давидовиќ, се согласува дека е потребна коренита реформа на судството, но и евалуација на работењето на секој судија и обвинител поединечно.

-Во спротивно мислам дека тешко ќе излеземе од оваа состојба. Мора да се испита работењето за да утврдиме кој од судиите незаконски постапувал и кој постапувал од некакви други интереси. Постои страшно сомневање и критика за работата на судовите. Имајќи ги предвид сите извештаи до сега, особено извештајот на Прибе, се создава многу лоша слика во јавноста каде постои огромна недоверба во работењето на праводуството. Токму тоа, поттикнато од она што го слушнавме од „бомбите“ во проектот „Вистината за Македонија“, па и сегашните снимки, но и извештајот на СЈО за инволвираност и попречување на истрагите од определени судии, се создава многу лоша слика и недоверба кај народот – вели Давидовиќ.

М.В.

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.