Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска изјави дека сè уште не знае колку од учениците ќе ја следат наставата со физичко присуство, а колку онлајн.
– Тој процент ќе се знае по 15 септември, бидејќи во моментов тече повикот кон сите основачи или сите општини и совети на училиштата, кои треба да се обратат до Комисијата во Владата, која треба да им одговори позитивно или негативно. Во тој момент ќе имаме пресек колку од нив стартуваат со физичко присуство, а колку ученици ќе ја следат наставата со учење од далечина, рече министерката Царовска.
Таа потенцира дека се работи за динамичен процес и оти не значи дека оние кои ќе почнат со физичко присуство, доколку епидемиолошката слика во општината се промени, така и ќе продолжат, а се ќе зависи од епидемиолошката слика.
– Ако во одредено училиште се појави ширење на заразата, ќе се даде насока тоа да ја продолжи наставата онлајн. Целиот образовен систем го подготвуваме за онлајн настава, потенцира Царовска.
Според податоците, во учебната 2020/2021 во прво одделение се запишале 20.796, а за прва година средно образование 16.308 ученици. Мината година, 187.000 се запишале во основно образование, а 71.200 во средно. Таа потенцираше дека, иако законските рокови за уписите во училиштата траат до крајот на септември, не очекува да има поголема промена на актуелните бројки.