Парламентарците се спремаат за гласање од далечина во есенскиот и зимскиот период

by Frosina Fakova

Соочени со предизвиците од пандемијата со ковид-19, македонските парламентарци ќе треба консензуално да изградат деловничка основа за можност за работа на Собранието од далечина, особено за гласање од далечина, бидејќи неизвесноста со пандемијата во претстојниот есенски и зимски период е голема и ќе бара да се стават на располагање сите капацитети за справување со овие ризици. Пратениците, исто така, треба да донесат и времени правила за работа на Собранието во вонредна состојба.

За овие новини, кои првпат би се вовеле во работата на законодавниот дом поради ковид-кризата, спикерот Талат Џафери ја информирал денеска амбасадорката на Обединетото Кралство во Скопје, Рејчел Галовеј. Средбата беше по повод реизборот на Џафери на чело на парламентот, како и изборот на новата влада, со што, како што се наведува во соопштение од парламентот, се воспоставува целосна функционалност на највисоките државни институции во земјата.

Галовеј посочила на можноста британските пратеници да работат и да гласаат од далечина. Понудила конкретна помош и поддршка во оваа област, во насока на споделување и користење на искуствата.

Џафери ги потенцирал исклучителните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, за кои споделил очекување дека ќе продолжат со зголемена динамика и во наредниот период. Информираше дека во наредниот период претстои формирање на комисиите, делегациите и пратеничките групи за билатерална соработка, како и зголемена заедничка работа, како на пратениците од владејачкото мнозинство така и на пратениците од опозицијата, особено во пресрет на започнувањето на преговорите со Европската Унија.

Поврзани новости