По 12 години легендарната Ана Окса се врати на Сан Ремо и се скара со новинарите

by Fokus

Популарната италијанска пејачка Ана Окса, која е еден вид на заштитен знак на музичкиот фестивал Сан Ремо, по 12 години пауза повторно застана на сцената на популарната манифестација. Во својата 61-ва година, таа заблеска со својата безвременска убавина, и уште еднаш покажа зошто со децении наназад важи за една од најубавите жени во светот, но и личност која на секој настап поставуваше нови модни трендови, кои потоа многумина ги копираа.

Но, годинава Окса заврши на последното место на Сан Ремо, најмногу поради лошиот пласман кој го доби од новинарите, кои со свои гласови одлучуваат за пласманот од првите две вечери. Имено, таа пред почетокот на настанот одби да се појави на познатиот ,,зелен” тепих пред публиката и медиумите како сите останати учесници, бидејќи имала температура, поради што доби критики од медиумите.

Откако заврши на последното место, јавно и се заблагодари на публиката, и изјави дека е добро што публиката не ни очекувала нешто друго од медиумите.

-Солидарни сме со оние кои се мачеле да разберат текстот и значењето на мојата песна ,,Сали”. Веројатно на некои им е полесно да разберат текст чија структура е помалку блиска на италијанскиот јазик. Ве советувам да се обратете на стручни лица или да слушате нешто друго, во рамки на своите можности – му порача Ана на новинарското жири и нагласи дека во Италија владее функционална неписменост.

Пејачката е на сцената од свои 15 години. Мајка и е Италијанка, а татко и Албанец кој починал кога таа имала осум години. Четири пати беше во брак, а со рок тапанарот Џани Белен има ќерка и син. Последните години заедно со мајка и се пресели во Швајцарија а откако мајка и починала, таа остана да живее таму, како што раскажа во едно интервју, во природа, со кучката Стела и со нејзиниот подмладок, четири млади кученца.

Поврзани новости