Плинот намален за пет денари по литар

by irena 13:45
13:45

„Макпетрол“ од полноќ ја намали малопродажната цена на течен нафтен гас односно плин за пет денари по литар, од 59 на 54 денари. Истовремено, во трговијата на големо е евидентирано намалување од десет денари по килограм, што во пресметка значи приближно пет денари по литар, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.

-Она што е особено значајно е дека и останатите компании на пазарот го следат овој тренд. Во малопродажба, цените на течен нафтен гас на бензинските станици веќе се намалени во распон од пет до шест денари по литар и се движат од 53 до 54 денари. Почитувани, ова не е уште еден изолиран чекор, туку системска реакција на пазарот која доаѓа како резултат на јасен институционален сигнал и координација, рече Митева.

Таа истакна дека ова намалување не е резултат на краткорочна пазарна случајност, туку е резултат на анализа од страна на ДПИ и преку договор и преземена одговорност од страна на трговците, за намалување на бруто маржите. Постигнавме согласност, продолжи Митева, овие маржи да бидат намалени и да се задржат на тоа ниво и во наредниот период, да немаме осцилации коишто сега ќе ги имаме, оваа недела кон намалување, а следната би имале зголемување, што значи дека за повеќе од 10 отсто во трговијата на големо и за 9 до 10 отсто во малопродажба ќе имаме намалување.

-Оваа мерка дојде преку аргументирана анализа и институционално делување. Врз основа на детална анализа спроведена од Државен пазарен инспекторат, беа детектирани просторите за корекција во ценовната структура, по што следуваа разговори со трговците и постигнување на договор за намалување на бруто маржите, нагласи портпаролката на Владата.

Слични вести