Платформата против говор на омраза денеска потсетети дека неказнивоста на ширењето и промовирањето на говор на омраза во јавниот простор претставува толеранција и оправдување на говорот на омраза.
Платформата го поздрави соопштението и барањето за кривично гонење од страна на Здружението на новинари (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во врска со ширењето и промовирањето на говорот на омраза од страна на Миленко Неделковски.
-Имено, лицето Миленко Неделковски, кој е јавна личност, во повеќе наврати е забележано како шири и промовира говор на омраза, како на својот Фејсбук профил, така и во објавени текстови (колумни). Говорот на омраза со кој Неделковски се служи се заснова на различни основи ипровоцира понатамошно ширење на говор на омраза од страна на други личности, во вид на коментари и реакции. Во конкретниот случај кој е предмет на соопштението на ЗНМ, говорот на омраза е насочен кон новинари, а во други наврати како жртви на неговиот говор на омраза се идентификуваат политички претставници, граѓански активисти и припадници на маргинализирани групи. Користењето на говор на омраза од страна на Неделковски, беше регистрирано и од високи претставници на меѓународната организација ОБСЕ, кои реагираа со осуда, а побараа реакција од Советот за етика во медиумите, се вели во соопштението на Платформата.
Членките на Платформата во повеќе случаи поднеле пријави до Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, но ниту еден случај не е процесиран, ниту пак се преземени мерки за кривично гонење од страна на надлежните органи.