Новиот повеќејазичен веб портал „Платформ“ е независно и мултикултурно здружение на млади новинари од Југоисточна Европа, создадено во 2020 година. Основната идеја на овој проект е создавањето на слободен простор кој ќе ги поттикне младите новинари од Балканот да истражуваат и анализираат современи теми кои ги промовираат човековите права, родовата еднаквост, интерсекцискиот феминизам, климатските промени, културата, архитектурата, правата на ЛГБТИ лица, правата на животните и други релевантни области.
„Идејата за оваа платформа е да се соедини младината на Балканот, кадешто сметам дека поголемиот број на млади лица се соочуваат со слични проблеми, како и да се започне разговор на теми кои сѐ уште се сметаат за табу на Балканот,“ вели Рушка Бабиќ од „Платформ“.
Досега, „Платформ“ успешно разви повеќејазична мрежна структура која вклучува и промовира стории и анализи од независни дописници од Северна Македонија, Албанија, Србија, Данска, Бугарија, Германија и Косово. Со создавање простор за високо квалитетно новинарство од целиот регион, „Платформ“ континуирано ќе и обезбедува на јавноста непосредни и доследни информации и ќе ги охрабрува младите репортери да истражуваат релевантни новинарски теми.
„Нашата цел е да создадеме медиумски простор кадешто младите новинари од регионот ќе се чувствуваат слободни да пишуваат на теми кои се општествено релевантни, со фокус на родовата еднаквост, човековите права, климатските промени и правата на ЛГБТИ лицата, а воедно и да ја имаат опцијата да ги објават своите стории на повеќе јазици,“ вели Гала Насева од „Платформ”.
Уредничкиот одбор на веб платформата веќе соработува со неколку национални и меѓународни доброволни и законски организации кои промовираат слобода на медиуми, човекови права, владеење на правото, права на животните, екологија, слобода на говор, родова еднаквост и демократски вредности. Досега, тимот се состои од уредниците Гала Насева и Рушка Бабиќ, Никола Ѓорѓиевски, дописник од Данска, Резарта Каушај, дописничка од Албанија, Емина Игњатовиќ, дописничка од Србија, Ивана Маркулиќ, дописничка од Србија, Мишо Бабиќ, дописник од Србија, Лени Фрчоска, Стефан Велковски, Вики Младенова, Јана Ангеловска и Рефит Рефити, дописник од Германија.
„Овој проект е замислен како платформа што обединува новинари и колумнисти од Југоисточна Европа – пишуваме на мајчин јазик и на англиски јазик, преведуваме, комбинираме. Секој за своето и секој за сè. Повеќејазична и мултикултурна. Одамна не сум пишувала и тешко е некој да ме натера на тоа, но има луѓе што знаат да го извлечат тој дел од мене, а можеби некогаш ќе се осмелам да напишам нешто и на македонски,“ вели Емина Игњатовиќ, дописничката за „Платформ“ од Белград, Србија.