Специјалната обвинителка Катица Јанева ги достави финансискиот, персоналниот и работниот план за своето обвинителство до Советот на јавни обвинители, Владата и Собранието.
-Плановите до Собранието се доставени на известување, додека до Владата и до Советот на јавните обвинители се доставени на имплементација. Како што веќе беше споменато, изразувам очекување Советот за јавни обвинители да ги имплементира плановите и да ги избере јавните обвинители предложени од моја страна, соопшти денеска кабинетот на специјалната обвинителка Катица Јанева.
Плановите, како што се посочува во соопштението, се направени врз основа на анализа на досега достапните податоци за предметите, очекувањата за прилив на нови предмети, како и реалните потреби за обезбедување на независност и автономност во работењето на Јавното обвинителство.
Советот на јавни обвинители најверојатно во вторник или во среда ќе има седница на која ќе зборува за плановите на Јанева.