Универзитетскиот професор и поранешен разузнавач Владимир Пивоваров, коментира дека според логиката, бидејќи не биле презентирани аргументи, поднесувањето на кривичната пријава против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е обид да се замолкне опозицијата и да се оневозможи објавувањето на т.н. бомба.
Тој истакнува дека од самиот почеток, уште пред неколку месеци, кога Заев ја најави бомбата, од владејачката гарнитура биле претпазливи, не се огласувале многу со реакции, што според него укажува дека биле свесни за постоењето на информациите, а таман кога се најавило нивното објавување, се случи поднесувањето на кривичната пријава.
-Го проследив обраќањето на премиерот Никола Груевски и морам да оценам дека истото беше многу штуро, бидејќи коректно ќе беше да одговори на прашањата на јавноста, односно секогаш кога обвинувате за нешто треба да се предочат аргументи. Вака, се кажа многу малку, а се премолча многу, поради што и се остави огромен простор за шпекулации, секој да си толкува како што сака, вели Пивоваров.
Тој истакна дека е очигледно дека моментот на поднесувањето на кривичната пријава за Зоран Заев е темпиран.
-Речиси пред СДСМ да ги објави т.н. бомби, се поднесе кривична пријава за Заев. Затоа се заклучува дека терминот внимателно е одбран. Но, повторно ќе кажам дека мораше уште сега да се презентираат аргументи, бидејќи сега ќе се создаде страв за тоа кој ќе одговара доколку сега се објават бомбите, бидејќи нашите закони си ги толкува кој како што сака, а можеби тоа беше и намерата, вели Пивоваров.
Поранешниот разузнавач додава и дека треба точно да се утврди дали некој незаконски го снимал разговорот меѓу двајцата лидери, Груевски и Заев, бидејќи како што го сфатил премиерот од своето обраќање, постоеле снимки за разговорот.
-Треба да се утврди дали некој од нив двајца бил озвучен на средбите и дали незаконски го снимал разговорот, бидејќи како што сфатив овие разговори ќе бидат презентирани. По сево ова очекувам да завладее уште поголем страв меѓу граѓаните, дека секој секого снима или прислушува, што значи ќе завладее период на целосен молк, заклучува Пивоваров.