„Пивара Скопје“: Изречена е неразумно висока казна, ќе се жалиме на суд

by fokus

Пивара Скопје изрази разочараност од глобата од 5,8 милиони евра што ја изрече Комисијата за заштита на конкуренцијата поради диктирање цени и најави дека ќе го обжали решението, со кое е изречена неразумно високата казна.

Од компанијата велат дека казната не соодветствува на досега изрекувани казни од македонската антимонополска комисија, но и со европската практика.

„Пивара Скопје АД категорично се противи на оваа одлука и ја изразува својата разочараност од неа. Во изминатиот период Пивара Скопје целосно соработуваше во процесот на утврдување на евентуалниот прекршок и со тоа го потврди својот позитивен однос и волја да се расчистат сите отворени прашања. Разочарани сме што Комисијата ја донела својата одлука без притоа да ги земе предвид аргументите на Пивара Скопје АД. Дополнително сме разочарани што Комисијата за заштита на конкуренцијата има изречено неразумно висока казна за Пивара Скопје, која не е во согласност со претходната казнена политика на Комисијата и воедно не кореспондира со одамна воспоставените практики на други тела надлежни за конкуренцијата во Европа и пошироко“, се вели во соопштението од скопската пиварница.

Компанијата очекува Управниот суд ќе застане на нејзина страна.

„Пивара Скопје АД длабоко ги почитува правилата на конкуренцијата и е убедена дека денешната одлука ќе биде поништена од страна на судот, каде што компанијата ќе го изнесе случајот“, стои во соопштението.

Покрај скопската пиварница, глоба од 2,7 милиони евра доби Прилепска пиварница, за диктирање на цените и за вметнување обврски за неконкурирање со неограничено времетраење во договорите со нејзините дистрибутери.

Поврзани новости