Откако американскиот претседател Џо Бајден објави дека ќе одбие понатамошни испораки на оружје за Израел доколку изврши голем напад врз Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, германскиот министер за одбрана Борис Писториус рече дека Берлин размислува за слични чекори.
Писториус на прашањето на водителот на програмата „Хојте Журнал“ на германскиот канал ЗДФ дали го разбира потегот на американската влада, одговори: „Да, можам да го разберам“ и додаде дека на оваа тема разговарале за време на посетата на Вашингтон „зад затворени врати“.
Писториус рече и дека Германија мора да апелира до Израел да го забави темпото и да не дозволи ескалација на конфликтите.
Тој додаде дека Германија е во процес на „исполнување на овогодинешниот буџет за испорака на оружје и муниција во Украина до летото“.
– Таму веројатно ќе треба да направиме повеќе, но во моментов сите нарачки се во тек и штом бидат испорачани ќе бидат испратени во Украина – изјави Писториус.