Писмо од „Реактор“ до општина Центар за ГТЦ

by Фокус

Невладината организација „Реактор“ испрати отворено писмо до градоначалникот на општина Центар и до советниците, а во врска со најавениот референдум за изгледот на Градскиот трговски центар. Во писмото се наведува:

Учеството на јавноста се гарантира со правната рамка на урбанистичко планирање и во работата на локалните власти. За жал, во пракса учеството е најчесто формално, па дури и сосема недостасува. Затоа, сметаме дека е особено значајно да се поддржи оваа иницијатива за граѓански референдум во Центар и со тоа да се обезбеди активна улога на граѓанинот во процесот на донесување одлуки. Ваквата улога е во духот на Европската урбана повелба на која се приклучија општините од Македонија во рамки на Советот на Европа:

„Ние, европските локални избрани претставници, гo делиме ставот дека жителите на нашите градови не можaт во целост да го доживеат нивниот град без да бидат одговорни, активни и информирани граѓани. Ние веруваме дека урбаната демократијата, која долго време е училиште за национална демократија, може да го оживее јавниот дух на нашите граѓани и нивниот апетит за демократија.“

Истовремено, референдумот – како најавтентична форма на граѓанска демократија – ќе им обезбеди можност на сите граѓани од општината директно да влијаат и заеднички да одлучат за ова важно прашање кое е од интерес за заедницата. Имено, во нашето последно истражување за граѓанско учество, мнозинството граѓани одговориле дека би сакале да бидат повеќе вклучени во одлуките што ги носи општинскиот совет кои го засегаат нивното место на живеење:

На 80% од возрасните и 74% од младите им е важно да имаат можност да влијаат врз одлуките во нивната локална заедница. Граѓаните се чуствуваат позадоволни кога знаат дека можат да влијаат.

Сепак, и покрај големата желба за учество и чувството за одговорност кон заедницата, постои песимизам меѓу граѓаните околу можноста за некакво влијание врз одлуките што се носат во локалната заедница. Токму затоа, одлуката на Советот на Општина Центар по оваа граѓанска инцијатива добива уште поголемо значење.

Се надеваме дека ова отворено писмо до советниците на Општина Центар ќе ги поттикне да ја подржат иницијативата за референдум, со што директно ќе им овозможат на граѓаните да го реализраат своето уставно загарантирано право.

 

 


 


 

Поврзани новости