Писмо до љубен пријател

by Fokus

Кога се навраќаме и рекапитулираме, она што останува не се ниту успесите, ниту цифрите, туку миговите. И убавите периоди ги паметиме само како низа моменти

Пишува Линдита КАДРИУ

Го познавам година и пол, а како да го знам целиот живот, дури пред да се родам.

Утре ќе полни триесет и три години.

Посакувам да бидеш задоволен со себе и со тие што умеат да ти пружат мир, задоволство и страст, по можност три во едно. Да се стремиш кон повеќе, но и да го вреднуваш тоа што го имаш.

Така човек учи да ги цени даровите, а на тој што знае да цени и да се заблагодарува, Севишниот, или како што би рекол ти, Космосот му дава повеќе.

КОЛКУ ДАВАШ – ПОВЕЌЕ ИМАШ ЗА ДАВАЊЕ

Дали, следствено, човек треба да биде благодарен од егоистични причини!? Не, вистински благодарни се тие што имаат порив да споделат со други. Тие што споделуваат, убаво живеат, бидејќи колку даваш, толку повеќе имаш за давање. Вредностите имаат иманентна способност за регенерирање и умножување.

Ти пожелувам, и тогаш кога не мораш, да стануваш в зори, што посведочува за енергијата, волјата и за дневните планови. Нирвана и адреналин истовремено. Кој рано рани… велат и светите списи.

И навистина, добриот ден од утрото се познава. Доколку си расположен, штом отвориш очи, да станеш со лесен чекор, така ќе го обоиш односот со себе, со другите, како и воздухот наоколу. Утрата се индикатори.

Продолжи да бидеш шегобиец како до сега, способноста да се најде смешната страна на нештата говори за менталната состојба. Дури и сериозните тврдења и ситуации подобро се паметат кога имаат нешто анегдотско во себе. Ако можеме да им се насмевнеме на искушенијата, полесно се соочуваме со нив, побргу се стигнува до решенијата.

СМЕЕЊЕТО МОЖЕ ДА СЕ ИСТРЕНИРА

Смеењето, како и секоја добра навика, може да се истренира. За почеток е доволно да го одбереме друштвото на тие што енергетски ни годат и да ги заобиколуваме, колку што е тоа можно, немтурестите ликови.

Биди ни и понатаму репер дека многу можеме, ако многу сакаме, ако твориме со ќеф, а највисокиот, пак, врв е тој што самите го достигнуваме. Затоа ти не ја познаваш љубомората, таа исцрпувачка негација што не води никаде, како ќор-сокак.

Љубомората одразува неспособност и ги одликува тие што случајно се катапултирале некаде или едноставно не водат живот како што сакаат или можат.

Не престанувај да сонуваш, бидејќи не стареат тие што сонуваат со ширум отворени очи. Во меѓувреме научи се да уживаш безусловно, да му се препуштиш и израдуваш  на моментот! Кога се навраќаме и рекапитулираме, она што останува не се ниту успесите, ниту цифрите, туку миговите. И убавите периоди ги паметиме само како низа моменти.

Задржи го детското во себе, островот на чедноста. Баба велеше: „Ништо, ако немаш тапани во стомакот“, или пеперутки, според современиот речник.

Дај Боже да имаш често некого за сакање, иако и самечките периоди знаат да бидат исто толку убави, дури и поисцелителни. Љубовта нека ти е состојба, природен мотив да станеш, што се вели, твојата најдобра верзија. Биди и понатаму во служба на нечија среќа, а тој некој да е твоето сѐ или речиси сѐ. Тоа ти ги наоструваа сетилата. И те држи буден.

Така годините врват, а ти остануваш млад.

 

Поврзани новости