Писмо до Хан: Одете си, поддржувате диктатура

by Фокус

Многу почитуван господине Хан,

Ви го пишувам ова писмо за да го изразам моето најдлабоко незадоволство со начинот на кој досега ја менаџирате комплексната политичка криза во Македонија.

Верувам дека вашите изјави, вашето однесување и акции, очигледно и јасно укажуваат на тоа дека вашето посредување во овој процес на преговори не е непристрасен.

Според вашите неконзистентни и нејасни изјави, дела и вкупните перформанси, длабоко сум уверен дека сте пристрасен и затоа вашето посредување е контрапродуктивно и деструктивно.

Највознемирувачки факт е што и вие, покрај владејачките партии, сте оној кој го прекрши Договорот од Пржино.

Со тоа се усогласивте со владејачките партии кои се дел од корумпираната македонската влада и кои се на пат да воспостават отворена диктатура во Македонија.

Како што знаете, секој рок определен со договорот беше прекршен и отежнат.

Препораките дадени од страна на Комисијата на Прибе беа игнорирани.

Верувам дека сте свесен дека задоцнетите формални оставки на македонскиот премиер и на неговата влада поднесени на 16 јануари 2015 година и потоа оркестрираните настани во Собранието на Република Македонија, што не беше направено во вистинскиот рок, сериозно го прекршуваат членот 5 од Договорот.

Вие, г-дин Хан, ја свртевте главата за да не ги видите овие повреди, не покажувајќи никакво лидерство за праведното и професионално решавање на овие еднострани и затоа авторитарни, постапки што ги презеде македонскиот премиер и неговата влада. Со тоа, вие ги охрабривте акциите и говорите во кои премиерот шири омраза, одмазда, насилство и закани за масовни чистки на неговите противници. На тој начин, господине Хан, Вие станавте дел од проблемот, а не дел од решението.

Мислам дека ги споделувам чувствата на мнозинството граѓани на Македонија, кои ја сакаат слободата и демократијата, а кои се длабоко навредени од вашето пристрасно лидерство и од вашето непочитување на процедурите и условите пропишани со Договорот за Пржино.

Жал ми е што ќе кажам, но јас силно верувам дека не сте успеале да посредувате и да го олесните овој важен процес на преговори, кој треба на Македонија да ја доведе до веродостојни избори.
Последиците од вашиот чин се тргнувањето на земјата на лош пат и нејзино ставање во ризик.

Затоа, мислам и верувам дека голем број граѓани во Македонија го споделуваат моето мислење, дека повеќе не сте непристрасен претставник на Европската комисија што ги поддржува и охрабрува демократските промени во Македонија.

Г-дин Хан, верувам дека ќе биде многу корисно за Македонија и за нејзините граѓани, ако се повлечете од вашата позиција и му ја препуштите на некој друг со подобри лидерски способности, со знаење, искуство и интегритет, со вистинско чувство за правда и чувство за она што е право а што не е во ред, да ве замени и да го понесе факелот на сложениот и трнлив пат кон излезот од политичката, економската и социјална криза кон слободна, демократска и граѓанска Македонија.

P.S.

Го поттикнувам секој поединец кој ги дели истите чувства изразени во ова писмо, не само да го сподели, туку и да го испрати до канцеларијата на Комесарот за Европската соседска политика и проширување во Европската комисија

Со почит

Д-р Наум Пановски, професор

Поврзани новости