„Дил ориентед“ политиките нема да го спасат Груевски

by Фокус

Пишува: Кирил ЕФРЕМОВСКИ

Три дена по последниот партиски говор на Никола Груевски, јавноста се уште е шокирна и не престанува да ги анализира дури и најмалку важните мантри од тоа партиско обраќање. Додека фокусот на повеќето и натаму  е насочен кон непримерниот говор на довчерашниот премиер кој длабоко ја пресира не само домашната јавност, паралелно од Брисел стигнуваат пораки кои во никој случај не одат во прилог на менаџирање на политичката криза  низ аголот на призмата преку која решавањето на истата го гледаат најголемиот дел од  критичката јавност и опозицијата.  Дали бриселските челници ќе се решат да ја жртвуваат  малата Македонија, со цел да го спасат, како што велат,  шенгенот, а и сопствената кожа пред новиот голем налет на бегалци и мигранти чија крајна дестинација  и понатаму е Германија или земјите од скандинавија,  ќе можеме да исчитаме мошне брзо од потезите кои офицјален Брисел  ќе ги повлече веќе во следните триесетина дена.

По откривањето на испратеното писмо од претседателот на Комисијата  Жан-Клод Јункер до словенечкиот премиер Церар, преку кое се потврдува дека Европската Унија има намера да изврши сериозен притисок и издејствува да се затвори границата на Македонија со Грција, нудејќи и голема материјална помош арно ама не нам, а со цел  да нема нови мигранти на север кон територијата на Европската Унија, оправдано се зголемуваат шпекулациите и конспирациите дека Никола Груевски додека ги „крева на клоци“ сите предавници и соросоиди, истовремено  со поголемо темпо работи на обезбедување гаранции во Брисел, каде и покрај бројните противења, сепак таму некои други,  многу важни и влијателни ќе му обезбедат уште еден мандат. Односно, ако не гаранции за него лично да биде повторно премиер, тогаш со сигурност гаранции дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на власт уште нови четири или барем две години, без разлика кога и да бидат изборите (април или јуни). И така и со тоа македонскиот  груевизам од апсолутистички политички правец ќе прерасне во нов општествен поредок во државата, а замислете сите 29 членки на Унијата ќе бидат среќни поради таквиот развој на настаните, па со задоволство и натаму ќе го толерираат бидејќи  новата тампон зона – Македонија, ќе им овозможи да си го спасат шенгенот.

Неспорно е дека европските челници до сега во повеќе наврати и недвојбено покажале оти имаат различни аршини кон нас, а дури и една од причините зошто Груевски имаше апсолутна власт цела една декада имаат и оние во Брисел. Но, изгледа по малку наивно да се верува дека Јункер или Меркел и понатаму ќе му веруваат на својот јужен десничар, па дури и му гарантираат нова изборна победа  додека се полнат кутии од фантоми, а тој истовремено сака да ги „крене на клоци“ нивните овдешни експоненти и потписите на договорот кој тие го гарантираат повторно ги множи со нула.

Не смееме да заборавиме дека колку и да се големи трговските вештини  за дилови на Груевски и неговите од ВМРО-ДПМНЕ, колку и да се подли и двојни игрите кои првите луѓе на Унијата ги играат, а со цел да си ја спасат кожата и „го заштитат шенгенот“ при што Македонија би добила нова улога на експериментална тампон зона, овдешната јавност не смее да дозволи ваквите, за сега само шпекулации да почнат да стануваат стратегии  кои подоцна би преминале во реални  политики.  А бидејќи политиката е вештина на можното, граѓаните треба да ги осуетат таквите планови  во обид, пред  тие да станат наша горка реалност. Овдешните интересни групи, граѓанските организации мораат да ги искористат сите свои ресусри, анализи и инсајдерски информации и почнат час поскоро со лобирања, големи притисоци и масовни протести против таквите идеи и планови.

Сега е право време кога на оние кои ги имаат ваквите идеи и планови во Брисел, Виена или  Берлин, треба да им пратиме јасни пораки дека „колку сме – токму сме“ и таквите бриселски планови кои Груевски и сегашната власт би требало да им ги овозможи и операционализира, а за возврат да владеат и понатаму, овде се невозможни и тоа сценарио за спас на Груевски и фамилијата, заради повисоката цел – „спас на Европа“ граѓаните овде, а не народот, нема да ги дозволат по никоја цена.

Поврзани новости