Пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – Абе, ајде, пули си ја работата…

Доколку компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон „абе, ајде, пули си ја работата“. Најновата анкета на Стопанската комора за проблемите со кои се соочува бизнис-секторот во постапките пред администрацијата јасно потврдува дека ни се потребни сериозни реформи.

by fokus

Месеци наназад, во интензивна комуникација со компаниите, слушнав стотина предлози за надминување на актуелната мултикризна ситуација. Денеска ќе издвојам само еден, кој го слушнав во Битола, каде што, во контекст на средувањето на работите на пазарот на трудот, компаниите бараат да се иницира забрана за политичко дејствување на младите до 30 години, бидејќи нивните искуства зборуваат дека во Македонија вработувањето на младите во јавната администрација е во директна врска со нивниот партиски ангажман и со тоа тие млади луѓе не се мотивирани да одат во приватниот сектор, кој треба да е главниот генератор на нивниот напредок.

Навидум необичен предлог, но интригантен, особено ако се погледнат фактите дека во јавниот сектор имаме дури 1.332 институции, во кои се вработени повеќе од фантастични 144.000 лица. Овие податоци ја отвораат пандорината кутија во Македонија, од која излегува буџет од 4,4 милијарди евра, за кој сигурно натамошните анализи ќе покажат дека е клуч за „силување на приватниот сектор“ од политизираната држава, а за споредба погледнете ја изјавата на британскиот актуелен премиер, Борис Џонсон, од минатата недела.

На враќање од Битола не можев да не се сетам на еден човек, банкар, политичар, ловец, критички расположен и духовит во коментарите. Се разбира, зборуваме за Хари Костов.

Денеска ќе ги анализираме неговите јавни настапи, но првенствено од аспект на економските прилики во просторот помеѓу лесно изречените слободни кажувања и тешките ставови изнесени во јавните настапи, односно во просторот помеѓу „само бурек да се јадело“ и „не бидува ништо од ова“, па сѐ до проблемите со задолженоста на државата, целокупната јавна потрошувачка и јавните работи, неопходноста од рационализација на државната администрација, потребата од борба против корупцијата и потребата од промена на приоритетите на државата.

Во исто време, додека приватно „јаде бурек“, а понекогаш јавно изнесува сериозни ставови за сериозни прашања, тој на своето работно место во Банката, во меѓусебните комуникации, ги приближува ставовите со монетарната власт – НБРМ – но во јавноста нив никаде ги нема. За чудо, омилен е кај фирмите затоа што во пракса, за разлика од сите други банкари кои ги консултираат централите или, пак, чекаат од сложените компјутерски системи да го исфрлаат одговорот ДА или НЕ, тој бргу ги носи одлуките за кредитните барања од компаниите.

Тоа ме поттикна да ги проанализирам неговите малобројни јавни настапи и тие ме доведоа до неколку интересни факти.

1.

Во оставката од позицијата претседател на Владата до Собранието на Република Македонија од 15.11.2004 година, Хари Костов истакнува дека во Владата не постои усогласеност и практично тимско работење за вистинско остварување на стратешката цел на Република Македонија и смета дека еден од коалициските партнери својата улога и местото во Владата ги разбира погрешно. Тој тогаш во својата оставка истакна дека не е подготвен за неефикасно работење на Владата, условување и за блокирање на реформските процеси во политичката и, пред сѐ, во економската сфера поради некои дневнополитички договарања. Во врска со оваа тема, во своето излагање на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор (лето, 2021 година, по 17 години) смета дека, ако е точна констатацијата дека ОРД е веќе исполнет, тогаш политичките партии во државава треба да склучат еден нов рамковен или само договор, а тоа е договор за економските реформи, политики и мерки кои треба да се спроведуваат во наредните најмалку 10-ина години, а тоа да биде остварено во соработка и со науката и со бизнисот. Во однос на ова прашање, постои во целост доследност во постапките и во јавно изнесените ставови. Хари и во 2004 година, а и во 2021 година упатува на неопходноста од консензус околу економските реформи.

2.

Тој во интервјуто со наслов „Колку ќе трае кризата“ во „Утрински весник“ во април 2009 година истакна дека мора во целост да се премине кон преиспитување и кон драстично намалување на целокупната јавна потрошувачка, со рационализација и со елиминирање на сите трошоци и проекти кои не се неопходни, а јавните работи да се фокусираат на инвестирања во производствени капацитети, во енергетска и во патна инфраструктура, која овозможува подобри услови за стопанисување и која потоа самостојно ќе се финансира и ќе носи приходи. Ако се следи внимателно, иако се ретки настапите, јавно изнесените ставови на Хари Костов се постојани, односно неговите залагања се идентични од почетоците, па и во текот на сиот негов работен век. Поразително е тоа што темите околу кои тој ги гради ставовите се сѐ уште актуелни. Тогаш повикуваше на аранжман со ММФ и укажуваше на потребата од формирање фискален совет, па и валутен борд (јас мислам дека и самиот тој денес признава дека валутниот борд е погрешно протолкувана формулација) за да се намали експлозијата од задолженост на Македонија.

3.

Во излагањето по повод дваесетгодишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, летото 2021 година, Хари Костов констатира дека „буџетот во 2004 година изнесуваше 1,6 милијарди евра, а оваа година тој изнесува над 4,4 милијарди евра. Во меѓувреме, ниту стопанството ниту стандардот на населението не се пораснати за трипати. Притоа, буџетот се финансира, во значаен дел, со задолжувања, а најголемиот дел оди за плати на администрацијата и за социјални трансфери, што остава многу мал дел за капитални инвестиции, а тие, пак, ниту една година досега не се реализирани во целосен износ“. Тој смета дека постои неопходност од драстична рационализација на државната администрација, со подобри плати за намалената администрација, и да престане да се користи за вработување на партиските припадници. Така, буџетите во континуитет растат, јавните работи заостануваат, расте администрацијата, која зема плата од буџетот, јавниот долг порасна над 60 % од БДП и сѐ уште политичките договори се пред економските прилики во државата.

4.

Поднасловот јасно кажува дека спрема вакви концизно изнесени ставови од компетентен човек мора да се има друг пристап, да се отвори дебата и да се сослушаат сите страни, сите институции и сите лица, затоа што никој не може да биде толку паметен да тврди дека неговите решенија се најдобри. Најлесниот начин е да се каже „абе, ајде, пули си ја работата“, но тој охридски жаргон во сериозните државни работи треба што побргу да исчезне.

П.С. 1 Најновото анкетно истражување на Комората за проблемите со кои се соочува бизнис-секторот во постапките пред администрацијата покажува дека:

– повеќе од 60 % од анкетираните компании се среќаваат со пречекорување на законските рокови, непрофесионалност, нестручност, со неажурност, непочитување на пропишаното работно време, со сложени и долги постапки за концесии, нефункционирање на едношалтерскиот систем, но и со отежната телефонска и електронска комуникација. Роковите најчесто ги пречекоруваат Министерството за транспорт и врски, Управата за јавни приходи, Управата за имотно-правни работи и Царинската управа;

40 % од анкетираните компании сметаат дека веднаш треба да се преземат дејства во процесот на дигитализација на административните услуги;

45 % од анкетираните компании сметаат дека треба да се востанови стручна и ефикасна администрација;

15 % од анкетираните компании сметаат дека треба да се примени систем на наградување и на казнување за да се подобри ситуацијата;

– светла точка во услугите компаниите гледаат во Централниот регистар на РСМ (43 %), Управата за јавни приходи (22 %) и во Царинската управа (16 %).

П.С. 2 Господине Костов, јас Ве поттикнувам и натаму јавно да ги изнесувате своите ставови, но и јавно да одговорите на прашањето дали суштинските прашања од интерес на државата можат да се решат со оставка или со макотрпна работа во системот кој е единствено признат, а тоа е парламентарната демократија, или, пак, како што рекол поранешниот британскиот премиер Черчил, „парламентарната демократија е најлош облик на владеење, но подобар не познавам“.

ПР текст

Поврзани новости