Веќе неколку недели наназад во Тиквешијата е во ек гроздоберот, период во годината кога во Кавадарци и Неготино доаѓаат стотици берачи од други општини.
Берачите најчесто се од Штип и Кочани, а околу два месеци, односно до завршувањето на бербата на грозје, престојуваат во изнајмени соби или пак преспиваат во поголеми возила. Доаѓаат цели семејства, од најстар до најмлад, бидејќи, како што појаснуваат, со она што ќе го заработат за време на гроздоберот, живеат цела зима.
Во Тиквешијата, традиционално, кога ќе започне гроздоберот, забележливо е зголемено присуство на стари возила, без регистарски таблици, на кои не им е извршен технички преглед. Берачите доаѓаат со нив и без страв од полицијата ги возат. Зошто е тоа така, и како може да се дозволи управување на нерегистрирано возило, побаравме објаснување од еден од сопствениците на таков автомобил, кој престојува со семејството во Неготино, а е по потекло од Штип.
-Ме запира полиција, ме запишува и ме пушта да си одам. Иако немам регистарски таблички, не смеат да ми го одземат возилото, таков бил законот. Немам трансакциска сметка, значи не можат да ми одземат пари и да ме казнат, социјалната помош која што ја добивам исто така не смее да ми биде одземена. Дури и кога ќе ме запрат, на полицајците им викам побргу да пишуваат и да не ми губат време. За џабе запишуваат, и тие го знаат тоа – вели нашиот соговорник.
Се наметнува прашањето, како да се стави ред, кога се овие прекршоци во прашање, бидејќи сторителите се извлекуваат без казна и продолжуваат по старо, управувајќи со небезбедните возила, ставајќи ги на ризик сите учесници во сообраќајот и извлекувајќи се на очигледни ,,дупки” во законот.
Гордана Панајотова, портпарол во СВР Штип, од каде што се најбројни возилата без регистарски таблици, во телефонски разговор за ,,Фокус” вели дека е проблемот постои, но според закон, полициските службеници остануваат со ,,врзани” раце и се немоќни во овие случаи.
-Немаат законско право да го одземат возило. Се пишува пријава, може да се исклучи возилото од сообраќај, но тоа е само привремено. Во интерес на јавноста е да се направат измени, за да се стави крај на овие прекршоци – појаснува таа.
И портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски, појаснува дека според закон, само судот може да одлучи за одземање на нечие возило, а не полициските службеници кои ќе го затекнат без регистарски таблици.
-Полицијата нема право да одзема возила, без оглед на тоа дали се неисправни. Му се поднесува пријава на возачот, може привремено да се отстрани од сообраќај, судот е тој кој одлучува, а не сообраќајната полиција. Таков е законот, кој очигледно дека мора да претрпи измени во овој дел, со цел да не се прават вакви злоупотреби и прекршоци – вели портпаролот.
Полициски службеници потврдуваат дека наишле на нерегистрирани возила, кои се опасност за сите учесници во сообраќајот, но единствено што можеле да преземат е да им кажат да го паркираат возилото и да го пријават случајот. Клучеви не смееле да им одземат, по што дрските возачи, за неполн час, повторно си го земале возилото и си го продолжувале патот.
Вики Клинчарова