Премиерот Никола Груевски јавно да го осуди вчерашниот напад за време на прославата на ЛГБТ-Центарот во кафулето „Дамар“ и министерката Гордана Јанкулоска да ги најде виновниците, побара денеска извршната директорка на македонскиот Хелсиншки комитет Уранија Пировска на пресконференцијата што ја одржа Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата пред новата зграда на Јавното обвинителство во центарот на Скопје.
Таа потсети дека досега има шест инциденти во кои се нападнати ЛГБТ-активистите и ниту МВР, ниту Обвинителството реагирале.
Како што објаснија од Националната мрежа на албанските медиуми уште завчера било објавено дека на социјалните мрежи се најавува некаков инцидент за време на вториот роденден на ЛГБТ-центарот. Ако никој не реагира и ако не се најдат виновниците, мрежата најавува и протести доколку МВР и Јавното обвинителство не си ја завршат работата.
Поддршка за ЛГБТ заедницата даде и пратеничката Солза Грчева која изјави дека била потресена од синоќешниот инцидент и се запраша дали во државата има лекарска јавност која конечно ќе објасни дека луѓето од ЛГБТ-заедницата не се девијантни како што ги презентираат. Таа се понадева дека нејзините колеги ќе ги прифатат забелешките на Венецијанската комисија и дека нема да поминат уставните измени во делот на дефинирањето на бракот и на вонбрачните заедници како заедници исклучиво меѓу еден маж и една жена.