-Немав дилеми кога протестирав поради убиството на Мартин Нешковски, кога протестирав поради апсењето на Кежаровски, кога протестирав заедно со паркобраните и кога умре малата Тамара, затоа што протестирав поради бескрупулозноста на институциите. Тие жртви ги отсликуваат симптомите на овој режим, рече директорката на Хелсиншки комитет, Уранија Пировска во денешното обраќање пред Владата, кадешто кампуваат граѓани кои бараат оставка од Груевски.
Пировска рече дека кај неа доаѓале граѓани да бараат помош, бидејќи не веруваат во институциите на системот, кои наместо на граѓаните, им служат на партиите.
-Тие ја добија владата за да му служат на народот, а им служат само на сопствените цели. Никола Груевски и неговата свита ќе треба да одговараат кривично за делата што ги сторија, за се она за што сега имаме докази. Ќе останам доследна на овие барања. Ова што ни се случува е продукт на неказнивоста која стана феномен во нашето општество, рече Пировска.