Италијанскиот фудбалски тренер Андреа Пирло повеќе не е на чело на стручниот штаб на Карагумрук, соопштија денеска од турскиот фудбалски клуб. Пирло и неговите соработници ќе го напуштат кормилото на тимот на две кола пред крајот.
„Им дозволивме на Пирло и неговиот стручен штаб да го напуштат клубот предвреме за да можат да планираат за иднината. Ќе се обидеме да победиме на сите преостанати натпревари до крајот на сезоната. Среќни сме што работевме со Андреа една сезона, на кого му благодариме за придонесот за клубот. Му посакуваме се најдобро во иднина“, се вели во соопштението на турскиот клуб.
Пирло (44) го презеде Карагумрук во јуни 2022 година, а имаше договор со турскиот клуб до 30 јуни годинава. Тој го предводеше тимот на 34 натпревари со учинок од 11 победи, 11 нерешени и 12 порази.
Пред турскиот клуб тој беше тренер на Јувентус.
Карагумрук е на деветтото место на табелата во турскиот шампионат, со 44 бодови.