Драма во тетовското јавно претпријатие „Паркинзи“ откако пијан тетовец одбил да плати казна за погрешно паркирање и го стартувал своето возило „Поло“ иако имало блокатор на предното тркало. Откако интервенирале полициски службеници, тој ги нападнал, но успеале да го совладаат.
„На 21.12.2018 во 16:45ч. Б.К (51) од с. Бозовце, вработен во ЈП-Паркинзи-Тетово пријавило дека во кругот на ППЕ – Тетово дошло лицето Т.Б(44) од Тетово во видно алкохолизирана состојба и го побарал неговото возило марка „Поло“ со тетовски регистарски ознаки, кое претходно му било подигнато поради погрешно паркирање. Пријавениот сакал без да плати да го земе возилото и влегол во него, го стартувал, но не успеал да тргне затоа што во предното лево тркало имало блокатор. Потоа Т.Б. излегол од возилото и физички го нападнал пријавителот. Б.К. веднаш го пријавил случајот во полиција и полициски службеници излегле на местото на настанот. При обид да го приведат напаѓачот, тој физички ги нападнал, но бил совладан и приведен во ПС Тетово. По документирањето на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од полицијата.