Пи*ка од човек

by Fokus

На родово базирано насилство, СИТЕ мора да бидеме сензитивни, затоа што сите имаме жени, мајки и ќерки, а јас не сакам на мојата ќерка да ѝ се случи Миле!

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

Пред неколку дена, во мојата адвокатска канцеларија влезе жена, некоја година помлада од мене. На десното око имаше модринка каква што сум видел само по филмовите, а белката не ѝ постоеше, ѝ беше крвава целата.

Била нападната од својот психотичен и болно љубоморен екс дечко, кому курето не му се дигало ако не крене рака на жена. По првичното фрапирање од глетката, ја примив девојката и ја слушнав ужасната приказна и хоророт што го поминала во изминативе неколку месеци.

Како по шаблон, кога се работи за ваков тип насилство, физичкиот напад бил само последниот од низата. Два месеца претходно, во напад на бес, мажиштето ѝ скршило и ѝ дислоцирало шест ребра.

Секој што има минимум искуство, како јас на пример, знае дека во конкретниот случај е користена тапо нагмечна сила, или читај – ТУПАНИЦИ. Откако сакала да го пријави во полиција, бива заклучена од него и „лекувана“ со супи и чаеви, во услови на тешки телесни повреди.

НЕКАЗНЕТИ МОРОНИ

Оваа пичка од човек, и навистина немам друг термин за створов, продолжил со малтретирање, следење, застанување со автомобилот пред домот, сè до последниот пат, кога со тупаници ѝ го оштетил лицето и, за среќа, не и видот во десното око на жртвата.

Оттогаш е во бегство и полицијата трага по него, а од нивна страна сум информиран дека истото им го сторил на две други девојки само во изминатава година.

Со дозвола на жртвата објавив слика на социјалните мрежи од нејзината ужасна повреда, со краток опис на настанот. Не се изненадив кога ме контактираа уште неколку девојки со слична приказна од истиот монструм.

Иако и претходно е пријавуван, зошто досега не е санкциониран, не би знаел, но факт е дека системот е бавен во идентификувањето и казнувањето вакви морони.

Се воведоа и законски измени, кои дозволуваат изрекување превентивни мерки на жртви од родово базирано насилство и семејно насилство, наместо само од семејно насилство, како досега, мерки што подразбираат заштита на жртвата, нејзина придружба, план за безбедност, шелтер и слично.

Сето тоа е добро, но на одделот за семејно насилство во МВР сериозно му недостига кадар. Ако не се лажам, едноцифрен број инспектори работат на проблематиката, која, за жал, е во пораст.

 НАРОДЕН ФОЛКЛОР

Голем дел од проблемот лежи и во фактот дека ќотекот врз жената од страна на мажот кај добар дел од населението е и прифатлив. Не е маж, ако не удри, пијан беше, ме сака и други оправдувања се стандардни за речиси секоја жртва и статистиката вели дека во просек жртвата го напушта насилникот на седмото претепување, се разбира, доколку не се случи епизодата на Пале од Велес.

Ќотекот врз жената кај дел од населението е и народен фолклор, а кај добар дел до населението богами и религиско убедување.

Монструмот се вика Миле Топузовски. Ќе сторам сè во моја моќ да го ставам таму каде што на монструмите им е местото – в затвор. Овој тип на дела се во пораст, жените се третираат како робинки и боксирачки вреќи, а државава чини премалку и главно се оставени на милоста на агресорите или на помошта од невладиниот сектор.

На родово базирано насилство, СИТЕ мораме да бидеме сензитивни, затоа што сите имаме жени, мајки и ќерки, а јас не сакам на мојата ќерка да ѝ се случи Миле!

Поврзани новости