Пецаков: Заедно созревавме со Билјана, нејзината поддршка ми е бесценета!

by fokus

Билјана е со мене на секој чекор од мојот животен пат долги години и нејзината безрезервна поддршка е она кое ми дава дополнителна сила да одам напред, да го дадам својот максимум на секое поле – за „Фокус“ раскажува д-р Кирил Пецаков (36), кој е кандидат за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО ДПМНЕ.

Вели дека има среден семеен живот, што е еден вид на предуслов дека и на професионално поле може да се посвети целосно, а со сопругата Билјана (35), која исто како него е стоматолог, биле во брак седум години.

-Како круна на нашата љубов се синовите, кои имаат шест и една година. Средбата со Билјана ни беше судбинска, уште од средношколските денови кога се запознавме, знаевме дека заедно ќе чекориме во животот. Имавме долга врска пред да се венчаме, избравме иста професија, се надополнуваме на секое поле. Заедно созревавме и станавме зрели и одговорни личности.

Долги години сум активен во партијата, а сега, кога веќе и официјално ја започнав трката за градоначалник на Охрид, таа како и секогаш е тука за мене. Навистина многу значи кога знаеш дека семејството те поддржува, тоа дава дополнителен елан да се вложам целосно пред овој предизвик.
Голема вистина е тоа, дека за секоја една одговорна функција, потребен е мирен фамилијарен живот, и благодарен сум што мојата сопруга не само што има целосно разбирање за моите амбиции, туку и ми дава ветар во крилја и се гордее со секој мој успех – вели Пецаков.

Се сеќава на времето кога бил активен спортист, ракометар, дека и тогаш Билјана најгласно го бодрела од трибините.

-Околу пет години не сум во клубот, но спомените на тоа време остануваат. Бодрењето кое го добивав тогаш од Билјана, за спортските успеси, сега е уште посилно, кога се работи за нашиот град и доброто на сите граѓани. Бев дел од Советот на општината, добро сум запознат со проблемите, знам дека и моите сограѓани ме знаат и ќе ми ја дадат довербата – појасни д-р Пецаков.

Негов противкандидат е актуелниот градоначалник Константин Георгиески од редовите на СДСМ, кој ќе се бори за втор мандат.

Вики Клинчарова

Поврзани новости