Пецаков за бугарскиот клуб: Ова би можело да биде провокација!

by fokus

Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков смета дека отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во неговата општина, кој денес ја вознемири јавноста, посебно близу до датум кој го симболизира почетокот на борбата на Македонците против бугарскиот фашистички окупатор, како и именувањето според историски контроверзен лик, може да се протолкува како провокација.

За „Фокус“ тој вели дека отворањето на вакви клубови не носи ништо добро помеѓу Македонците и оние кои се чувствуваат како Бугари, и потсетува дека на изборите во Бугарија од Македонија се пријавиле само 181 граѓанин за гласање, од кои само седум од Охрид.

-Принципот на делување и агресивното ширење на ваквите клубови не носи ништо добро во односите помеѓу Македониците и оние кои што се чувствуваат како Бугари и дополнително ги раздалечува во односите и ставовите Македонија и Бугарија како држави.

Да не би бил ваквиот принцип на агресивна кампања, пропаганда, па дури и во некое друго време да се случуваше отварањето на клубовите, а не во датуми блиски по симболика на македонскиот народ кој се борел против бугарскиот фашистички окупатор, можеби би било сфатено поинаку – вели градоначалникот.

Додава дека во ова време, отворањето на клубот не може да донесе ништо позитивно во меѓусебните односи.

-Вака, во време кога се негира се македонско, се условува Македонија од страна на Бугарија за промена во изучувањето на историските учебници, локалитети, личности, настани итн… секако дека не може ништо позитивно да донесе во меѓусебните односи.

А отворањето на ваков клуб, блиску до датум кој симболизира почеток на борба на Македонците против бугарскиот фашистички окупатор и именување на истиот клуб како „Цар Борис Трети“ можеби би можело да се смета за провокација, но гледајќи ја бројката на пријавени за гласање од Македонија за изборите во Бугарија вкупно 181, а од Охрид само 7 Бугари, тогаш можеби ја потврдува вашата констатација дека би можело да биде провокација – ни изјави Пецаков.

Вики Клинчарова

Поврзани новости