Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска на прес-конференција обвини дека огромни суми на пари, кои се бројат во десетици милиони евра, од продажбата на јаглен на ЕСМ завршувале на сметки на фирми директно поврзани со поранешниот премиер Зоран Заев, а кои имаат тесна врска и со поранешниот министер за здравство, Венко Филипче.
Според Петрушевски, фирмата „Зобек мининг груп“, која, како што тврди, му го купила луксузниот џип на Филипче, продавала јаглен на ЕСМ по цена од 82 евра, додека истиот го купувала за околу 30 евра.
-Разликата во цена никогаш не влегла во Македонија – изјави Петрушевски.
Пратеникот понатаму истакна дека „Зобек мининг груп“ уште во Грција за наводен ископ на јаглен исплатила 9 милиони евра кон бугарската фирма на Заев, „Гомасидра“.
-Оваа фирма на Заев е регистрирана на истата адреса во Петрич, Бугарија, како и фирмата на Венко Филипче, ‘Пауер ај 8’ (POWER i8 Ltd) – рече тој.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека овде постои „и законска и морална дилема и проблем“, нагласувајќи дека додека Заев и Филипче тврделе дека немаат врска со државни тендери, тие всушност биле вклучени во милионска шема со државни тендери.
-Ова е скандал за кој Јавното обвинителство мора веднаш да отвори постапка и да реагира. Милиони евра завршиле во фирми на Заев, блиски до Филипче само од еден тендер. Одговорност мора да има – истакна Петрушевски.
Ваквите обвинувања доаѓаат по истражувањето на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), каде беше наведено дека некои фирми добро профитирале од кризната состојба во енергетскиот сектор што во 2022 година ја прогласи тогашната Влада.
Според ИРЛ, за оваа намена ЕСМ од 2022 до денес склучила договори со 11 фирми за набавка на околу 4,6 милиони тони јаглен, за што нетранспаретно биле потрошени 283 милиони евра. Од нив 9 милиони евра во бугарска фирма на братот на експремиерот и поранешен лидер на СДСМ, Зоран Заев.