Владата на ВМРО-ДПМНЕ спроведува масовна, бртутална партизација на институциите преку нова серија вработувања со партиски списоци. Свиркачи до СДСМ доставија интерен список за вработување на 50 лица во РЕК Осломеј. На списокот има членови на општински комитети, но и роднини на активисти на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
-Без јавен конкурс, без јасни критериуми, без стручна селекција. Единствениот услов за вработување е партиската книшка и фамилијарната поврзаност со власта. РЕК Осломеј, стратешки важна енергетска точка, наместо да биде дел од стабилен енергетски систем, власта го користи како алатка за партиски вработувања на грбот на народот.
Вака ли ВМРО-ДПМНЕ ќе го менува системот? За ова ли бараа доверба од граѓаните? Сите ветувања за мерит-систем, професионализација и правична држава се фрлени во вода. Секоја институција се претвора во испостава на ВМРО-ДПМНЕ, наместо сервис за граѓаните. Наместо држава во која најдобрите напредуваат, добивме држава со вработувања по список, со јавна администрација претворена во партиска армија – рече Кузеска.