На седница за пратенички прашања, пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, изнесе обвинувања за можно заташкување во случајот со апсењето на директорот на Инспекторатот за земјоделство, Илија Стоилов.
Петровска презентираше фотографии за кои рече дека се направени во моментот на апсењето во подземна гаража на улицата „Матеја Матевски“, посочувајќи дека локацијата води кон стан поврзан со министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски. Според неа, овој детал не бил јавно соопштен од институциите.
„Го уапсивте само директорот, а не и крајниот корисник на средствата. Локацијата на апсењето е во подземна гаража од каде се оди кон станот на Трипуновски“, рече Петровска, прашувајќи го министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дали акцијата била прекината пред осомничениот да ги предаде парите.
Таа потсети и на негови претходни изјави за одговорност, додавајќи: „И брат да е, ќе одговара – така велевте, министре“.
Тошковски на обвинувањата реагираше со потсмев, оценувајќи дека изнесените тврдења се „поблиску до научна фантастика отколку до реалноста“.
„Лицето е уапсено таму каде што ги примило парите. Во објектот живеат повеќе поранешни и сегашни функционери“, рече Тошковски, додавајќи дека не знае кој сè живее на таа адреса.
Тој ја обвини Петровска за манипулација и оцени дека ваквите настапи се обид за дефокусирање на јавноста.
Петровска возврати дека не станува збор за „инвентивност“, туку за факти, повторно покажувајќи ги фотографиите за кои тврди дека се од местото на, како што рече, „кривично-правниот настан“.
„Ако стануваше збор за функционер од претходната власт, ќе нè вмешавте сите. Но бидејќи станува збор за ваш човек, не смеете да го допрете“, рече Петровска, обвинувајќи дека е уапсен само директорот, а не и „крајниот корисник“ на парите.
Таа додаде дека начинот на кој ѝ одговорил Тошковски дополнително ги засилува нејзините сомнежи.