Министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за „Локално“ во врска со набавката на хеликоптери за која се крена опозицијата, вели дека нема ништо спорно.
„Договорот за набавка на хеликоптери е резултат на повеќегодишна напорна работа на Интегрираниот проектен тим на експерти која заврши сега и можеме да продолжиме со реализација на набавката. ВМРО ДПМНЕ треба да ја поздрави оваа информација, бидејќи со набавката на хеликоптерите се подигнува борбената готовност на Армијата и се модернизира воздухопловната компонента. Значи експертите од воздухопловниот ВИНГ на Армијата ја предложија набавката на повеќенаменските хеликоптери и Владата даде поддршка за склучување на Договорот со Владата на Италија“ вели таа.
На прашање, дали Русија претставува закана за Македонија и за Западен Балкан, ќе каже „влијанијата на Русија се спроведуваат преку хибридни закани, преку дезинформации, поткопување на довербата во институциите. Задача на сите нас – на институциите, но и на медиумите, јавноста е да не дозволиме тие закани, тоа сеење збунувачки информации и невистини да ја постигне својата цел. Режимот на Путин јa прави Русија да не е пријателска земја ниту на Македонија, ниту на земјите од Западен Балкан, затоа што режимот го интересира дестабилизација и пореметување и попречување на европската интеграција на нашата земја“.
Петровска за придобивките од членството во Алијансата вели „првата клучна придобивка е тоа што со членството на Северна Македонија во НАТО повеќе никогаш нема да стане збор дали нашиот суверенитет, интегритет и безбедноста на граѓаните може да биде загрозена. Не може. За една држава која има нешто повеќе од 3 децении независност и се наоѓа на Балканот, членството во НАТО значи огромна потврда на нејзината позиција на меѓународен план и голем успех. Значи безбедноста е на прво место“.
Во врска со претстојните парламентарни избори, Петровска вели „Подготвена сум да бидам носителка на кандидатска листа, но и да не бидам. Се надевам и посакувам фер и демократски изборен процес, посакувам кампања во која ќе зборуваме за постигнатото, но и ќе зборувме за иднината. Но, да не зборуваме за иднината низ апстракции, туку да понудме конкретни мерки и предлози, кои ќе бидат реални и остварливи. Овие се клучни избори, затоа што на нив ќе се одлучува, дали ќе продолжиме по европскиот пат или ќе застанеме под некоја дебела сенка и додека времето поминува сите ќе одат напред, а ние ќе чекаме незнаејќи што“.