Владејачките СДСМ, ДУИ и другите партнери се уверени дека ќе го зачуваат парламентарното мнозинство. Но, ако на утрешната седница, сепак, и биде изгласана недоверба на владата, пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска смета дека новата влада повторно ќе ја формира СДСМ.
-Доколку утре падне Владата, се отвораат нови рокови и одење на чекор два, за кој ВМРО-ДПМНЕ нема одговор, а ние имаме. Доколку се случи тоа, следува обид за формирање на нова Влада, предводена од онаа партија што има парламентарно мнозинство, односно течат рокови за нова политичка влада, која повторно ќе биде предводена од СДСМ – рече Петровска на ТВ 24.
Таа додаде дека оставката на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев е тргната на страна, додека, според неа, не се стабилизира парламентарното мнозинство во рамки на сегашните партнери, со можност, како што истакнува, за дополнително проширување.