Петров: Нон-сенс е дека СДСМ изгуби поради Црвенковски

Тој во изјава за Фокус вели дека Црвенковски целосно се повлекол од партијата во 2013 година.

by Фокус

Смешни и несериозни се тврдењата дека поранешниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски влијаел врз поразот на партијата на изминатите локални вели, вели поранешниот генерален секретар на социјалдемократите Андреј Петров. Во изјава за неделникот Фокус, Петров истакнува дека Црвенковски по поразот на локалните избори во 2013 година целосно се повлекол од СДСМ.

-Смешни се и несериозни обвинувањата дека тој влијаел на поразот на СДСМ со тоа што во МАНУ ги кажал своите ставови, кои во делот на економијата и корупцијата се поклопуваат со ставовите на Стејт департментот и македонската бизнис-аедница. Особено е фасцинантна имагинација дека 120.000 гласови минус биле затоа што некакво крило на СДСМ не работело. Тоа е нон-сенс – тврди тој.

Втората етапа на Црвенковски во СДСМ, откако тој се врати на чело на партијата по истекот на мандатот како претседател на државата, Петров ја оценува како „тешко опозициско време во екот на моќта на Никола Груевски“. Според него, оваа борба била Давид против Голијат.

-Меѓународната заедница тогаш се уште „кокетираше“ со Груевски очекувајќи исчекор напред во НАТО и евроинтеграциите. Реално зборувајќи, и економскиот тим на таа влада беше добар, предводен од Зоран Ставревски. Во 2011 година успеаја некако да не победат во една тешка битка, подоцна видовме од „бомбите“ дека се служеа со недозволени средства. Не беа созреани условите за промена – вели Петров.

Тој истакнува дека се уште е кратка историската дистанца за да може да се дадат оценки за владеењето на Зоран Заев, кој по изборниот пораз се повлекува од лидерската позиција на СДСМ, но и од премиерската функција. Но, Петров објаснува како се создал амбиент за победа на СДСМ предводена од Заев:

„Луѓето беа преморени од 11 години власт на тогашната влада. СДСМ покажа поголемо разбирање за ставовите и желбите на сите граѓани на Македонија, независно од етничката припадност. Постоеше силна меѓународна поддршка која никогаш не била поексплицитна, се создаваше амбиент за решавање на спорот со Грција. Дојде до приклучување на граѓанскиот блок кон опозицијата, едноставно се роди нова надеж, која му овозможи на СДСМ да дојде на власт“.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

В.С.

Поврзани новости