Петров и Ивановски се враќаат во врвот на СДСМ

Во новиот Извршен одбор треба да влезе и универзитетскиот професор Леонид Наков, дознава Фокус.

by Фокус

Високи функционери на СДСМ од времето кога претседател беше Бранко Црвенковски, но се пасивизираа откако партиски лидер стана Зоран Заев, повторно ќе заземат високи позиции во новото партиско раководство предводено од Димитар Ковечевски.

Според високи партиски извори, поранешениот генерален секретар на СДСМ Андреј Петров треба да биде член на Извршниот одбор, додека некогашниот потретседател Игор Ивановски треба да го предводи новиот Совет за креирање и имплементација на политики.

Како што неофицијално дознава Фокус, во ИО на социјалдемократите треба да влезе и Леонид Наков, професор на скопскиот Економски факултет.

Инаку, утре треба да се одржи седница на Централниот одбор на владејачката партија, за да се комплетира новото партиско раководство, така што веќе објавивме дека Миле Зечевиќ дефинитивно ќе биде предлог за генерален секретар, додека ќе се изберат и четворица потпретседатели.

Нашите сознанија говорат дека Фатмир Битиќи, Перо Костадинов и Бисера Костадиновска речиси сигурно ќе бидат потпретседатели, додека се уште неизвесен е четвртиот потпретседател кој треба да дојде од Скопје.

Во комбинација за ова место се Нина Фити и Стефан Богоев, но, исто така, се споменуваат и други лица.

В.С.

Поврзани новости