Лазар Петров, градоначалникот на Демир Капија, каде што се наоѓа Специјалниот завод во кој се сместени над 200 лица со посебни потреби, вели дека му е драго што во последните неколку дена се смируваат тензиите во село Тимјаник, каде до крајот на месецот треба да бидат сместени четири деца со посебни потреби, во мал групен дом.
Тој верува дека во Тимјаник живеат луѓе кои ќе ги прифатат овие деца како дел од заедницата, и порачува дека нема место за страв од непознатото, ниту пак за било какви предрасуди, бидејќи сепак се работи само за деца.
-Специјалниот завод Демир Капија е сместен на околу 50 метри од мојата куќа. Јас живеам таму цели 35 години и никогаш сум немал никаков проблем со штитениците. Ниту јас лично, ниту моето семејство или пак било кој од жителите во Демир Капија. Ги прифативме овие лица како дел од нашето општество, им подадовме рака и на нив гледаме како на луѓе кои заслужуваат достоинствен живот. Уште како дете сум минувал време во дворот на заводот во игра со нив, денес и деца на наши сожители си играат со нив. Ги гледаме како личности, а не како потенцијална опасност. Апелирам сите граѓани на нашата земја да го завземат истиот став и да не се плашат од непознатото, да ги надминат сите предрасуди и да победи човечноста во секој од нас – вели Петров.
Децата кои што ќе бидат сместени во групниот дом во село Тимјаник се на возраст од 12 до 17 години и имаат интелектуална и комбинирана попреченост, и дел од нив се во количка. Ќе имаат 24 часовна придружба од своите негувателки, а со нив ќе работат и стручни лица.
Самите, дури и да сакаат, не се во можност да излегуваат надвор без придружба, што значи дека жителите кои пред камери раскажуваа дека се плашат од тоа како нивните деца можат да бидат нападнати, немаат причина за страв. Покрај тоа, децата не се ниту агресивни. Првите три деца од заводот, како дел од процесот деинституционализација беа сместени во мал групен дом во Неготино во понеделникот.
И градоначалникот Петров дојде да ги види и да им посака топло добредојде во новиот дом. Тие се на возраст од 10, 12 и 16 години. Луѓето кои што живеат во соседството на малиот групен дом во Неготино, веднаш ги прифатиле децата без проблем. Многу од нив отишле да ги запознаат, се понудиле да им однесат играчки и облека. Се работи за дечиња од кои две се во количка, а едно со церебрална парализа е во кревет. Сите три, се радуваат на посетите и со прегратки ја искажуваат својата љубов кон луѓето кои им посакаа добредојде.
И во селото Тимјаник денес, по сите укажувања и појаснувања дека нема потреба за страв, свеста почнува да се менува. Четирите дечиња од заводот треба да бидат сместени во тамошниот мал групен дом до крајот на месецот, а процесот на деинституционализацијата треба да заврши за околу три години. Според овој проект, сите деца ќе бидат сместени во мали групни домови низ целата земја, каде ќе живеат со постојана грижа од стручни лица.
Вики Клинчарова