„Грамот“ го нема воопшто во снимката која беше објавена на руската мрежа. Но, „грамот“ го има во сите наслови и хајката која се шири од оркестрираната медиумска машинерија и армија ботови, вели новинарот и активист Петрит Сарачини.
По објавената аудио снимка, каде се слуша гласот на пратеникот Павле Богоевски, и прашината која се крена зад оваа снимка, Сарачини застана во негова одбрана. Наспроти морализирањето кај дел од јавноста и тврдењето дека Богоевски нарачувал пола грам, Сарачини посочува дека во снимката не се споменува никаков грам.
„Во снимката која беше објавена се слуша зборот „пола“, сума на пари, ама не и „грам“. Оние на кои очигледно им фали понекој „грам“, во умот, носот, вената или плуќата, сеедно, истиот му го „лепат“ на Богоевски, иако тој не го изговара воопшто тој збор на снимката. Тоа се нарекува фројдовска проекција, или по нашки, „шта је баби мило, то се баби снило“.
А потоа, непостоечкиот „грам“, за да се дискредитира објаснувањето на човекот кој дури и се себеинкриминираше а потоа и се себепријави за набавка на (за жал!) нелегален лек, е тој „грам“ што го нема во снимката, се споредува со „кубици“ и така натаму, при што се чита голема упатеност на голем број луѓе во мерните единици на разни субстанции. Секој, според фантазијата и себе-проекцијата, штобисерекло“, вели Сарачини и додава дека, според него, снимката е сечена.
Целиот коментар можете да го прочитате тука.